Жители на Тетово велат дека состојбата со управувањето со отпадот е лоша и дека контејнерите се постојано полни
Многу ги ценам не само оние што се жалат на темнината, туку и оние што палат свеќа за да излезат од темнината и сакам да ги спомнам малку оние мали свеќи што ги запаливме, вели градоначалничката Арифи
Тетово е град со околу 86 илјади жители, според пописот од 2002 година. Но, оттогаш се сменија многу работи. Никнаа цели нови населби, а со тоа и бројот на жители, и покрај иселувањето, најверојатно, е поголем. И ништо не е како порано. Освен, се чини, една работа.
„Каде и да се завртиш, сè е преплавено.“
„Па сигурно дека пречи. Сликата е ужасна. Не треба да одите подалеку. Каде и да се свртите – Тетово се дави во ѓубре.“
„Како да го опишам? Со зборот катастрофа можеби е малку да се опише.“
„Има населби кои се катастрофа, за греота. Тука во Тетово треба да се функционира малку поинаку, не вака како што е во моментов.“
„Грозна. Сликата е грозна. Треба да се преземат мерки. За хигиенава барем е најважно.“
велат граѓаните.
Јавното комунално претпријатие Тетово има вкупно 242-ца вработени, а на хонорарците бројот не им се знае. Од општината велат дека тоа е бројка што варира во зависност од потребите. Но и така, очигледно, не се постигнува.
„Катастрофално е значи навистина. Контејнерите, нема кога човек да помине, а да не се полни. Дали не се празнат на време, дали има малку контејнери во однос на жители…“
„Лошо е, многу лошо. Треба да се среди оваа работа. Да биде градот почист.“
„Лоша е ситуацијата со ѓубрето. Полошо е во деловите кадешто се студентските домови и становите во кои живеат студенти.“
велат граѓаните.
Проблемот не е од вчера. Кога повеќе, кога помалку, градот е во комунална криза со децении. Се менуваа градоначалници, директори на комуналното претпријатие, раководители на сектори, но никој не успеа до крај да ги „испразни“ контејнерите. На многу локации низ градот се создаваат и диви депонии. Таков е влезот на православните гробишта. Надлежните ставиле табла со забрана, но луѓе од соседството сведочат дека ѓубрево ретко се собира, а го носат несовесни луѓе од други места.
„Сето ѓубре е од надвор. Доаѓаат со автомобили, се истовара со комбиња, со камиони, со трактори.“ 02:55 до 03:05 „Бараме да се постави поголема контрола. Ако треба да поминува полиција почесто, ако треба камери – ние ќе ги купиме и ќе ги поставиме“,
вели Владимир Пауновски, жител на Тетово.
Тетовци велат дека дента кога снимавме дури било и чисто. На социјалните мрежи објавуваат фотографии со ужасни глетки, често подбивајќи се со новата, зелена агенда на владејачката – и на локално и на централно ниво, ДУИ.
Бошко Видоески на својот фејсбук профил често критикува на оваа тема. Тој смета дека проблемот го создаваат повеќе околности – инертноста на надлежните, несовесните граѓани, незаконското депонирање амбалажен отпад од дел од маркетите, кучињата скитници кои го разнесуваат ѓубрето и малкуте контејнери за толкав број жители.
„Како архитект, би апелирал и до сите вклучени во постапката за планирање на деталните урбанистички планови да обрнат внимание и на капацитетот и на постоечките места за одлагање на отпадот, бидејќи секој зголемен број жители во планскиот опфат повлекува да се зголеми капацитетот на контејнерите за домашен отпад“,
вели Видоески.
Според експертите за управување со отпад, тетовското не е исклучок од другите комунални претпријатија во земјава – да служат за вдомување партиски кадри.
„Сигурно дека е неопходно да се изврши соодветна обука на стручните кадри како и на манипулативните работници со цел да бидат поефикасни. Дополнително, сигурно е неопходна модерна, нова механизација којашто ќе може да работи без поголеми застои“,
вели Филип Иванов – експерт за управување со отпад.
Но, Иванов посочува дека за да функционира нормално едно комунално претпријатие потребни се финансии. Според податоците на тетовската локална самоуправа, во 2018, 2019 и 2020 година, просечната наплата на сметки е 43 насто. Во текот на корона-кризата паднала уште повеќе. Според познавачите, за едно комунално да функционира како што треба, неопходна е наплата од над 70 проценти.
„Можеби и тоа е како причина. Треба да се освестат луѓето, треба да плаќаат, ако е тоа причината. Треба да се преземат други мерки за да се нормализира ситуацијата.“
„Сосема точно. Работниците немаат волја да работат. Ниски се платите.
„И да е така тоа не ги амнестира од одговорноста да си го исчистат ѓубрето. А тие како ќе си ги наплатат долговите, тоа си е… И банките имаат должници, па си наплаќаат, не кукаат.“
„Верувам дека не е вистина од една причина, бидејќи јас самиот им плаќам, верувам дека и вие и сите плаќат затоа што фрлаат и нормално дека плаќат.“
„Па и тоа, ако треба да плаќаат повеќе – нека биде чисто.“
„Платите се многу мали и во однос на тоа би требало некоја сума реална за да може и комуналниот смет да се собира.“
ни кажаа анкетираните граѓани.
Градоначалничка на Општина Тетово цели два мандата е Теута Арифи како кадар на ДУИ. Таа не гледа толку црно на работите.
„Мислам дека ние држиме еден стандард, кој мислам се трудиме да го зголемиме што повеќе, заменувајќи ги контејнерите, гледајќи да ја обновиме машинеријата која работи во оваа насока, но исто така заедно со граѓаните, подигнувајќи ја свеста за да имаме повеќе внимание што се однесува во фрлењето на ѓубрето.“
360°: Ако веруваме дека Тетово е доста зголемен град и по населби и по број на жители, дали во последните 8 години колку што сте градоначалничка, не најдовте време, начин, околности да направите реформа и на Јавното комунално претпријатије?
Секако, за нас не само реформата, туку стабилизацијата на општинското јавно претпријатие е главниот приоритет што ако зборуваме за години наназад, за жал општинското претпријатие го најдовме во исклучително тешка ситуација, со неисплатени плати, со невозможна механизација за работа и така натаму, и со години работевме првично на негово стабилизирање“,
вели Арифи.
Арифи има коментар на потсмешливите пораки за идеолошкото позеленување на ДУИ, со оглед на еколошките проблеми во средините во кои градоначалници се кадри токму на оваа партија.
„Многу ги ценам не само оние што се жалат на темнината, туку и оние што палат свеќа за да излезат од темнината, и сакам да ги спомнам малку оние мали свеќи што ги запаливме“,
кажа Арифи.
Арифи ги наброја новиот зафат за тетовскиот водовод, пречистителната станица, новата делница од еден булевар, отстранувањето на дивата депонија и изградбата на три фотоволтаични системи. Со овие проекти, смета Арифи, таа веќе дејствувала како градоначалник од зелена партија.
Во изминатите осум години Општина Тетово инвестирала два милиони 150 илјади евра во комуналното, од кои околу милион и четиристотини илјади отишле за водоводот и пречистителната станица. Директно во комуналното претпријатие завршиле околу 770 илјади евра или во просек по 95 илјади годишно. Малку или доволно – одговорот го даваат потребите на граѓаните.