Игор Јанушев, на синот на Талат Џафери не можеш да му дојдеш ни до малиот прст. Прво, до малиот прст не можеш да дојдеш. Слушај сега, на синот на Талат Џафери, ни ти ни многу од вас тука, не можете да му дојдете до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогиран, рече Џафери
Синоќа по полноќ, за време на маратонската собраниска седница на која се дискутираше за реконструкцијата на Владата, дојде до жестока караница помеѓу пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Јанушев во еден момент тргна кон Џафери, а кавгата ја прекина координаторот на пратеничката група Никола Мицевски кој го тргна Јанушев од собранискиот пулт.
Причина за меѓусебните навреди беше синот на Џафери, Барлет, кој деновиве е во центарот на вниманието на јавноста откако се најде на списокот на роднини на функционери кои ја завршиле Академијата за судии и обвинители.
Јанушев од собраниската говорница му читаше на премиерот Димитар Ковачевски најактуелни вести во македонските медиуми, меѓу кои беше и таа за синот на претседателот на Собранието кој полагал правосуден испит пред да дипломира. По излагањето на Јанушев, спикерот Џафери бурно реагираше.
„Игор Јанушев, на синот на Талат Џафери не можеш да му дојдеш ни до малиот прст. Прво, до малиот прст не можеш да дојдеш. Слушај сега, на синот на Талат Џафери, ни ти ни многу од вас тука, не можете да му дојдете до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогиран“,
рече Џафери.
Јанушев се врати до говорницата и му укажа на Џафери дека читал вести.
„Ако имаш нешто да ми кажеш, излези да реплицираш“,
рече Јанушев.
Џафери му врати:
„Оди таму, не ми читај мене, оди таму“.
Јанушев му возврати дека нема тој да му каже каде ќе оди, на што Џафери повторно му рече да да го напушти пултот.
Јанушев му врати:
„Не си дома, јави ми се за реплика, па кажи…“.
Џафери одговори:
„Ти ако имаш проблем со судница, со мојот син немаш. Ако имаш работа со мојот син, излези со него да се видиш“.
Кавгата (почнува од 34:47 минута) ја смири Мицевски кој го тргна Јанушев од говорницата.