Слушнавме силно пукање кое звучеше како да е блиску до нас. Не знаевме од каде доаѓа ниту што точно се случува, тогаш видовме како луѓе бегаат и претпоставивме дека се работи за некаков напад, раскажува за „360 степени“ Аријанит Зуфери од Гостивар кој студира во главниот град на Австрија.

Тој вели дека вечерашните вооружени напади во центарот на Виена предизвикале страв и паника кај луѓето кои се затекнале на тие локации и бегале на сите страни без да знаат што се случува.
„Се шетавме со колегите низ центарот на Виена, решивме да ја искористиме последната можност да седнеме во кафуле, бидејќи од утре почнува карантин во Австрија и ништо нема да работи. Се упативме од Стефанплац кон Шведенплац и тогаш го слушнавме пукањето. Не знаевме ниту од каде доаѓа, ниту за што се работи, се криевме под клупи“,
раскажа студентот Зуфери.
Тој вели дека полицијата реагирала многу брзо и за неколку минути целиот центар на градот бил блокиран, не било дозволено ниту некој да излезе, ниту да влезе во тој реон. Целата драма се случувала нешто по 20 часот.
„Ние се обидувавме да се засолниме, бидејќи пукањата продолжуваа, беше страшно. Полицијата неколку часа го блокираше центарот не можевме ниту да си одиме дома, а таму ситуацијата беше како да сме во војна“,
вели Зуфери.
Како што јавуваат австриските медиуми, се случиле серија на напади во центарот на Виена во близина на синагога кај Шведенплац. Според досегашните информации повредени се повеќемина, а има и загинати. Виенската полиција потврди дека еден од напаѓачите е убиен во престрелката и апелираше до граѓаните да ги избегнуваат јавните простори како и јавниот превоз.
*Поврзани вести: