Во одговор на новинарско прашање за тоа за какви точно опструкции и притисоци се работи, Јакимовски истакна дека постојано биле упатувани закани до стопанственици од Карпош за тоа дека тие ќе биле сменети кога на власт ќе дошла ВМРО-ДПМНЕ
Веќе седум месеци се обидуваме сето тоа да го склопиме во еден заеднички продукт, а тоа значи подобар сервис за граѓаните. За жал, не успеавме да најдеме заеднички јазик со ВМРО-ДПМНЕ, напротив, се соочуваме со опструкции, со подметнувања, со омаловажувања и со навреди како градоначалник лично. Со моите години и искуство не можам да дозволам некој да си поигрува со мене и со Советот на Општина Карпош, но и со граѓаните. Затоа, Карпош и јас мораме да им се спротивставиме на опструкциите и командите од еден центар, изјави за медиумите градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, објавувајќи дека неговата партија ГРОМ ја прекинува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека единствен виновник за ова е лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и нагласи дека тој ќе продолжи да ги извршува сите обврски кон другите членови на ВМРО-ДПМНЕ со кои остварил добри односи.
„Морам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ имам драги луѓе и пријатели, жал ми е и им се извинувам на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои искрено ме поддржале во изборната кампања и апсолутно имам респект кон тоа што тие ме поддржале и сè што имаме договорено и секоја обврска што ја имам кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде испочитувана и никому во Општина Карпош нема да му фали ‘влакно од косата’, како што не му фали ниту на некој од СДСМ или од некоја друга политичка партија. Моите обврски кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат исполнети, но во исто време моите разговори натаму прекинуваат со господинот Христијан Мицкоски и тој е единствениот виновник зошто ја растураме оваа коалиција што функционираше во многу тешки моменти“,
истакна Јакимовски.
Тој вели и дека долго време се обидувал овие несогласувања да ги држи далеку од очите на јавноста, но тврди дека повеќе не може да издржи и поради тоа се одлучил на ваков потег.
„Не можам повеќе да го трпам тајниот непријател. Од тајни веројатно има причини да станеме јавни непријатели и виновник за тоа не сум јас. Се обидував долго време да ги ускладиме односите, меѓутоа, да се вмешате во внатрешните работи на една политичка партија и преку грбот на граѓаните да се обидувате да вршите притисок врз еден градоначалник и вие да бидете тој што ќе командува со Општина Карпош, а затоа граѓаните не ви дале мандат и не сте избирани, едноставно не може, а ако сакате да бидете градоначалник кандидирајте се на следните избори. Јас и ГРОМ остануваме и натаму опозиционери, ќе продолжиме да дејствуваме опозициски и во интерес на граѓаните“.
додаде Јакимовски.
Во одговор на новинарско прашање за тоа за какви точно опструкции и притисоци се работи, Јакимовски истакна дека постојано биле упатувани закани до стопанственици од Карпош за тоа дека тие ќе биле сменети кога на власт ќе дошла ВМРО-ДПМНЕ.
„Имам поплаки за работи за кои ние како локална самоуправа сме должни да ги работиме, а има индиции дека некој се обидува да ги рекетира луѓето, дури и закани кон стопанственици дека еден ден кога ќе дошле на власт дека тие ќе биле затворени и така натаму. Срамота е за некој што сè уште не дошол на власт да се заканува. Јас дадов вистински пример во Карпош и покрај сето зло што ми беше направено на никого не му фали ‘влакно од косата’. Сметам дека со тие реваншизми треба да престанеме, сметам дека обвинителството и судството треба сами да си ја работат работата“,
нагласи Јакимовски.