Номади и туризам ни се познати термини, но дигитални номади и активен туризам, особено за тоа како се поврзани едно со друго, се нови концепти на глобално ниво, со кои се обидува да фати чекор и земјава
Активен туризам е името на трендот што се обидуваат да го „фатат“ туристичките места во Македонија. Покрај квалитетно сместување, тој подразбира активности во природа како скијање, планинарење, јавање, кајакарење и сл.
А за активен туризам особено се заинтересирани т.н. дигитални номади. Тоа се луѓе што работат онлајн, па можат да живеат и да работат на кое било место на планетава сѐ додека има добар интернет.
Можностите за активен туризам во земјава ги истражува Vineet Devaiah. Тој е со потекло Индија, а во Луксембург има своја стартап-компанија Teliportme.com. Таа креира дигитални решенија за виртуелни тури за бизнис-клиенти во туризмот од целиот свет. Во Македонија планира да престојува неколку месеци. Во Маврово, со помош на инструкторот по скијање Владимир Георгиоски, првпат застана на скии.
„Порано работата и одморот беа одвоени – работиш, па одиш на одмор. Мислам дека дигиталните номади се тоа – луѓе што можат да патуваат додека работат затоа што поголемиот дел од работата им е онлајн“,
вели Devaiah.
Од местата што ги посетил во земјава најмногу му се допаднал Охрид. Вели дека Македонија сега му е на врвот на листата дестинации за дигитални номади, особено за неколкумесечен престој.
„Ако дојдеш во одморалиште како Маврово, би било одлично да има навистина добар интернет насекаде, така што, тоа е нешто што би било корисно. Друго што би било многу корисно е да се има готови пакети за луѓето да можат да искусат нешто брзо, за еден викенд, или три-четири дена или една недела. За нас би било одлично да имаме некој претставник на локалната власт или туристичките раководства да имаат активности или пакети за дигитални номади, туристички водичи што ќе зборуваат на англиски или шпански. Тоа би било одлично“,
додава тој.
Винит не успеа да научи да скија во само една ски-сесија, но неговиот инструктор вели дека одлично напредува.
„Ова е одлична можност и за нив, затоа што имаат еден дел од денот кога можат да излезат. Ако се почетници, како Винит, имаат можност да научат да скијаат. Ако се понапредни, имаат прекрасни терени каде што можат да скијаат. Така што, ресортот Маврово е добра дестинација за нив. Не само ресортот Маврово, туку и други места во Националниот парк“,
вели Владимир Георгиоски, инструктор по скијање.
Всушност, целта е со можности за квалитетно исполнување на слободното време земјава да стане интересна за странски претприемачи како Винит да дојдат и оттука да ги развиваат своите компании.
Игор Маџов од швајцарската Програма за претприемништво вели дека Македонија има што да понуди, но понудата сѐ уште не е лесно достапна.
„Тешко е и самите ние да дознаеме што е тоа што можеме да го посетиме како луѓе коишто живеат тука, а странците сакаат тоа да им биде достапно со еден клик, да можат да резервираат лесно, да можат тоа лесно да го направат со многу луѓе. Колку што можеме да ја дигитализираме целата понуда и целиот еко-систем (економски систем) да се стави во служба на тоа да ги привлече луѓето од странство, со што ќе имаме многу повеќе интересни претприемачи коишто ќе ја посетат земјава“,
смета Игор Маџов од НВО „Стартап Македонија“.
Заврши часот по скијање. При спуштањето од ски-терените, жичницата нуди фантастичен поглед кон Мавровското Езеро чии води, за жал, ги има сѐ помалку.
По првото ски-искуство, Винит се врати на работните обврски во хотелот. Најде тивко место и се приклучи на онлајн-состанок. Мобилниот интернет беше со одлична брзина.
Ски-центарот Маврово има своја летна понуда со пакети за дигитални номади, фриленсери и претприемачи наречена „Workation“. Зимската понуда само што излегува.
„Понудата ‘Workation’ беше многу интересна и за индивидуалци и за фирми бидејќи многу фирми ја користеа шансата за да ги пратат нивните вработени на одмор и на работа во исто време. Сега, во моментов, планираме да извадиме ‘Workation’ зимско издание. Наскоро ќе имаме понуда која ќе биде сместување заедно со скијање“,
рече Рипсиме Кузевска, маркетинг-менаџер на ресорт Маврово.
Покрај за работа и одмор, Винит е во земјава за да им го пренесе своето искуство и знаење на овдешните млади претприемачи. Со нив го поврзува асоцијацијата на стартап-заедницата „Стартап Македонија“ која од 2016 година стратегиски соработува со Швајцарската програма за претприемништво „SwissEP“. Стартапи се бизниси кои имаат уникатна идеја, почнуваат од нула и имаат потенцијал за брз развој.
„Не знаат што значи хиперраст, не знаат што значи да се има милиони корисници, тука немаат таква култура. Тоа, во голем дел, е мојата улога, брзо решавање стратегиски прашања – како да продавам, како да најдам клиенти, како да најдам финансирање, да се размислува на големо, да се развива брзо, брзо да се стекнуваат вештини, да се служи на голема публика и такви работи“,
смета тој.
Винит е меѓу многуте експерти кои преку програмата на „SwissEP“, „Претприемач резидент“, волонтерски одвојува неколку часа неделно за да работи со основачи на стартап-бизниси, нивните тимови, како и со менаџерите на акселератори во земјава. Тој е првиот што физички доаѓа во Македонија откако настапи ковид-пандемијата. Покрај онлајн-тренинзите на кои има поголеми групи, одржува и „еден на еден“ состаноци како овој со Софија Дачева. Таа е основач на компанија која се занимава со иновативни технолошки процеси во прехранбената индустрија. Сладолед од вино е производот што го развива.
„Иако идејата за комбинирање сладолед и вино звучи атрактивно, самиот процес е многу комплексен. Причината е во тоа што точките на мрзнење на виното достигнуваат до минус 18 Целзиусови степени, додека онаа на сладолед е нула степени. Нам ни беа потребни две години за истражување и развој кои се одвиваа од 2017 до 2019 година, главно во Обединетото Кралство, каде што завршив постдипломски и додипломски студии, за да развиеме процес во кој точката на мрзнење на виното ќе биде нула степени и така да го направиме винскиот сладолед, производ што ќе може да се продава годинава“,
вели Дачева.
Очекува да биде пласиран на домашниот пазар до крајот на годинава, а следната година и во Велика Британија.
Снежната авантура на Винит продолжи на Попова Шапка. Негова среќа беше тоа што дента заврна снег зашто овој ски-центар сѐ уште нема вештачки снег. Во хотелот во кој беше сместен му понудија повеќе планински активности, а бидејќи сѐ уште не беше сигурен дека научил да скија, со својот нов инструктор решија да изнајмат ратрак за да се искачат по снежните падини на Шар Планина. Зедоа и ски-опрема.
„Се разбудив околу шест часот. Слегов во ресторанот. Беше отворено. Нарачав кафе. Работев со мојот тим во Индија. Имав многу јавувања. Интернетот беше одличен. Дојде мојот ски-инструктор, рече ‘ајде, одиме’. Влеговме во ратракот. Се искачивме на планината. Дојдовме на ова преубаво место. Мојот ски-инструктор ми покажа некои движења во ‘фрирајдинг’ скијање. Не можев многу да пробувам зашто има многу снег и видливоста е лоша“,
раскажува Винит.
Шар Планина е меѓу неколкуте дестинации во Европа каде што е дозволен „фрирајдинг“. Тоа е т.н. слободно скијање. Не очекувавме дека на толку оддалечено место и во вакви временски услови ќе наидеме на толку љубители на овој спорт дојдени од различни европски земји.
Се искачивме на 1840 метри надморска височина на месноста Јелак на Шар Планина. За авантуристите ова е појдовна точка за многу активности, меѓу кои во зима најпопуларна е „фрирајдинг“ или слободно скијање по планинските падини, надвор од патеките.
Винит имаше чест за инструктор да го има прилепчанецот Борјан Јованоски, кој е на второто место на светската ранг-листа во параглајдинг во дисциплината прецизно слетување. Тој е вешт во многу активности во природа, како и во „фрирајдинг“.
„Преку зимскиот период нудиме туристичка понуда која е наречена ‘фрирајдинг’ или слободно скијање, а во летниот период ги имаме како туристичка понуда планинарењето и велосипедизмот,“
вели Борјан Јованоски од компанијата „Шар аутдорс“.
По искуството што ги имаше првпат во животот, Винит се врати во хотелот за да ја проба локалната кујна. Еден од сопствениците, Хашим Асани, ја координираше подготовката на неколку специјалитети, меѓу кои бифтек со сос од капини и традиционалното ѓомлезе.
„Овој нов вид туризам, кој е светски тренд, ‘дигитални номади’, е многу интересен за нас. Секоја недела имаме барања од европските земји. Гостинот што го имаме е од Индија. Тој е многу задоволен со нашите услуги, како и со интернетот, бидејќи работеше. Му понудивме и традиционална храна од регионот. За нас е големо задоволство некој да ни направи таква реклама“,
вели Асани од хотелот „Скардус“.
Со поддршка од швајцарската Агенција за развој и соработка паралелно функционираат две програми кои меѓусебно се надополнуваат – Програмата за зголемување на пазарната вработливост IME и Програмата за претприемништво „SwissEP“. Целта е да се зајакне приватниот сектор и да се подобри туристичката понуда.
„Во изминатиот период имавме низа активности коишто ги реализиравме повторно со приватниот сектор и други чинители во насока на диверзификација на постоечката понуда во подобрување на безбедноста. Сега во моментов се наоѓаме на Попова Шапка, па тука, впрочем, помогнавме во ‘фрирајдинг’ скијањето околу опрема за спасување при лавини“,
рече Тања Георгиевска од Програмата за зголемување на пазарната вработливост IME
„Со ‘Стартап Македонија’ и со Фондот за иновации, на наша иницијатива, во моментов се работи на законска измена. Формирана е работна група во Министерството за внатрешни работи којашто работи на формулирање закон за виза за дигитални номади. Со тоа ќе им овозможиме на овие луѓе да не мора да заминуваат после тие три месеци, коишто им се законски предвидени, да можат минимум една година да останат овде и буквално да искористат од убавините од сите четири сезони во Македонија“,
вели Нина Николиќ од Програмата за претприемништво „SwissEP“.
Винит вети дека ќе ја препорача Македонија како дестинација за професионалците како него, а препорака од човек од негов ранг не е мала работа за нашиот туризам.