„360 степени“ ги праша Петре Шилегов (СДСМ), Данела Арсовска (независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива), Александар Тoртевски (Твоја партија), Бени Шаќири (ДОМ/ЛДП) и Ана Петровска (кандидатка за градоначалничка на независната иницијатива „Зелен хуман град“) – каква е нивната визија за скопскиот јавен транспорт и сообраќајната инфраструктура?
Ова е последната недела од изборната кампања исполнета со соочувања, ветувања, подметнувања, па и програмски поклопувања. В недела скопјани одлучуваат на кого ќе му го доверат справувањето со проблемите или, најмалку, кои двајца од дванаесетте кандидати ќе ги испратат во вториот круг.
Ова е скопско сообраќајно секојдневие. Во градот, каде што секој некаде постојано брза, загадува и некого нервира, дури 12 кандидати „трчаат“ за градоначалничката позиција. Кај дел од нив „фреквентни“ се и критиките за моменталната состојба со јавниот превоз, и генерално за сообраќајната инфрструктура.
„Хаотичен“,
вели Александар Тортевски кандидат за градоначалник на Скопје од Твоја партија.
„Лош е сообраќајот“,
вели Ана Петровска, кандидатка за градоначалничка на независната иницијатива „Зелен хуман град“.
„Ова е комплетен хаос“,
вели Бени Шаќири, кандидат за градоначалник од коалицијата ДОМ/ЛДП.
Дел се воздржани од коментар.
„Ќе биде подобро“,
вели Данела Арсовска, независна кандидатка за градоначалничка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алернатива.
А тој што е за позиција мисли поинаку.
„Сериозно подобрување во изминативе четири години“,
вели Петре Шилегов, актуелен градоначалник и кандидат на СДСМ за втор мандат.

Шилегов вели дека долгогодишната запуштеност на сообраќајот во Скопје не се решава со еден мандат, а едно од клучните негови ветувања е реализација на брз автобуски транспорт, со целосна функционалност до 2024 година.
„Целиот јавен транспорт во Скопје ќе биде посветен на бас-рапид транзитот, што значи автобуските линии коишто ги имаме во моментот ќе престанат да постојат, тука автобусите кои ќе го хранат бас-рапид транзитот и тоа ќе бидат условно кажано, маалски автобуси кои ќе поминуваат многу фреквентно, многу често во определена зона на градот, ќе ги оставаат патниците на бас-рапид транзитот со цел луѓето да се трансферираат и лесно да одат, со еден ист билет. Само за илустрација, од тука каде што се наоѓаме, депото на ЈСП во Ѓорче Петров, до Ново Лисиче, кадешто треба да биде другото депо, ќе се стасува за 30 минути, со 21 станица попатно“,
вели Шилегов.

Данела Арсовска, независна кандидатка за градоначалничка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, смета дека скопјани немаат време за чекање нов систем на јавен превоз. Таа ветува набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз.
„Верувам дека треба да се посветиме на брзи и ефикасни решение и тоа сега и веднаш. Скопјани тоа го бараат. Бараат да имаме ефикасен јавен транспорт веднаш, со еколошки возила, којшто едно – нема да не загадува, а второ – ќе го растовари сообраќајот од многубројните возила. Во првите шест месеци од 2021 година, ЈСП има 139 милиони загуба. Верувајте ми дека таа загуба доколку знае некој квалитетно да ја менаџира, ќе направи да биде добивка, меѓутоа ќе направи и бесплатен јавен превоз за скопјани“,
тврди Арсовска.

Бени Шаќири – кандидат од коалицијата на ДОМ и ЛДП – „Одлучно за промени“, смета дека со задолжувањето од 70 милиони евра, брзиот автобуски транспорт е веќе „аминувана“ опција за Скопје. Сепак:
„Ние ќе инсистираме ‘бас-рапид транзит’да не се движи по средина на булеварите, туку да оди само од десната страна во првата лента. Тоа што ние можеме да им понудиме на граѓаните на Скопје се некои елементи за кои сметаме дека се повеќе од неопходни за нашите граѓани. На прво место треба да се регулира работата на јавниот превоз, да се зголеми бројот на нови автобуси што мора да ги обезбедиме во текот на овие следните 4 години и тие ќе бидат еколошки автобуси кои ќе работат на гас“,
вели Шаќири.

Александар Тортевски, кандидат за градоначалник на Твоја партија, смета дека јавниот превоз би се подобрил со електрични автобуси.
„Мора да имаме брза лента за електричните автобуси, во светот веќе постојат автобуси коишто сами произведуваат струја, на покривот имаат соларна електрана и најголем дел од електричната енергија ја добиваат сами. Нашиот план е сите градски паркинзи да бидат покриени со соларни електрани, коишто ќе произведуваат струја за потребите на градот и на јавното сообраќајно претпријатие и да ги субвенционираме електричните автомобили коишто истотака ќе можат да се движат по жолтата лента која ќе биде дозволена само за јавниот превоз, за електрични автомобили и за патнички возила којшто ќе превезуваат тројца граѓани“,
предлага Тортевски.

Ана Петровска, кандидатка за градоначалничка на независната иницијатива „Зелен хуман град“, вели дека не сака да брза со ветувања, иако е започната изборната кампања. Чека резултати од студија за одржлив транспорт во главниот град.
„Таа студија треба да ги утврди изворите и целите на патување, значи сите задушени невралгични точки во Скопје. Да ги ревидира сите постојни линии на автобуски транспорт, да ги утврди правците на ширењето на вело инфраструктурата, каде ќе бидат ленти, каде ќе бидат патеки, каде ќе бидат еднонасочни, каде ќе бидат двонасочни. Истотака автобускиот транспорт ќе се преобмисли, во смисла, дали треба нови линии, понатаму, дали приградските линии треба да ги внесуваме во градот, бидејќи, со тоа на некој начин го задушуваме сообраќајот дополнително, трошиме многу повеќе гориво од што е потребно и на каков начин да се преобмисли движењето да автобусите за да добијат приоритет на минување. Да си имаат посебна лента, жолта лента, која ќе се движи со приоритет, а кога ќе поминуваат на раскрсници со сензори да се овозможува тие да поминат први, пред сите останати во сообраќајот“,
вели Петровска.

Јавниот превоз е само еден сегмент од сообраќајот. Ги прашавме дел од кандидатите – дали и каков план имаат за сообраќајната инфраструктура. Булеварите се нешто за кое Шилегов би се посветил и во вториот мандат.
„Ние сме веќе во завршна фаза на северниот коридор во смисол на мостот на булеварот AСНОМ, пробивањето на тој булевар и спојување на Аеродром со Карпош преку новиот мост ‘Михајло Апостолски’ и мост ‘Гоце Делчев’, без да влезете во Центар. Тие коридори коишто недостасуваат сериозно ги работиме, знаете го работиме и северниот коридор, булеварот ‘Босна и Херцеговина’ е веќе готов, булеварот ‘Словенија’, клучката кај Момин поток, булеварот ‘Никола Карев’, тоа се работи коишто се стратешки поставени, после едно добро планирање на нашиот град и се во фаза на имплементација“,
вели Шилегов.
И Арсовска, меѓу приоритетите, ветува изградба на пет булевари.
„Прво, отпочнувајќи со изградба на булеварот ‘Хрватска’, понатаму со продолжување на булеварот ‘Словенија’ до Ѓорче Петров, истотака проширување на оној булевар ‘Теодосиј Гологанов’ којшто е направен некаде до еден пат од својата делница, меѓутоа негово продолжување до Ѓорче Петров и оној дел кој е споменат кај Мавровка со што би се растеретил навистина еден сегмент во делот на сообраќајот во градот којшто претставува навистина едно соообраќајно решение кое во овој момент е клучот јас мислам на многу сообраќајни незгоди, на големи гужви. Апсолутно верувам дека со ова ќе се направи практично заокружување на една внатрешна обиколница во градот што ќе го растерети значително сообраќајот и она кое го имаме сега во овој момент како хаос“,
вели таа.
Тортевски од Твоја, сообраќајната инфраструктура би почнал да ја менува од „Рекорд“.
„Јас планирам во првиот момент оваа улица позади мене да ја направам пешачка зона во текот на викендите, значи Центар без сообраќај, а во рок од една или две години подоцна да се затвори со тоа што ќе се изгради подземна улица под овој простор така што тоа ќе го растерети центарот, меѓутоа, мора да се пронајдат алтернативни улици коишто ќе го конзумираат тој сообраќај. Значи мора да се пристапи кон експропријација на одредени објекти за да може да се добијат тие улици. Меѓутоа, генерално, тоа е прашање на една долгорочна стратегија којашто мора да се гради за подолг рок“,
вели тој.
Кандидатот на ДОМ и ЛДП вели дека и при ветување на изградба на улици треба да се биде внимателен, оти тоа е меч со две острици.
„Ќе изградиме катни гаражи за да можат граѓаните слободно да ги паркираат своите автомобили, додека нашата коалиција предвидува дека во рок од 4 години на покривот на тие гаражи да се обезбедат соларни панели и фотоволтаички апарати што ќе користат соларна енергија и ќе произведуваат електрична енергија. Со сите овие мерки што ќе ги преземеме, меѓу другото, предвидовме затворање на сообраќајот во центарот на Скопје, од Собранието на Република Македонија до трговскиот центар „Палома Бјанка“, таа ќе биде област само за пешаци, нема да има сообраќај“,
вели Шаќири.
Петровска е на став дека ако не се работи во содејство со урбанистичкото планирање, секое сообраќајно решение само по себе, ќе биде промашување и задушување.
„Со идното урбанистичко планирање кое ќе се воспостави со изработката на ГУП на Скопје, во моментов тој се работи, соседствата ќе ги направиме такви да во пешачка дистанца од 15 минути, ние можеме да ја задоволиме секоја потреба, значи да имаме амбуланта, пазарче, училиште, градинка, значи да не мора со автомобили да ги водиме децата на училиште, и дополнително да го задушуваме сообраќајот, да можеме да ги обавиме сите важни работи без да запалиме кола“,
вели Петровска.

Ова е последната недела од изборната кампања исполнета со соочувања, ветувања, подметнувања, па и програмски поклопувања. В недела скопјани одлучуваат на кого ќе му го доверат справувањето со проблемите или, најмалку, кои двајца од дванаесетте кандидати ќе ги испратат во вториот круг.