Над 5 000 студенти на ФИНКИ во моментот следат настава во различни простории на техничкиот кампус, но и надвор од него, како на пример, на Педагошкиот факултет. Тие бараат трајно решение на просторниот проблем и велат дека во вакви услови тешко одат и следењето на наставата и полагањата на предметите
Со протестен маратон од Градскиот парк до Владата, студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) повторно побараа простории за да може, како што велат, нормално да ја следат наставата.
Над 5 000 студенти на ФИНКИ во моментот следат настава во различни простории на техничкиот кампус, но и надвор од него, како на пример, на Педагошкиот факултет. Тие бараат трајно решение на просторниот проблем и велат дека во вакви услови тешко одат и следењето на наставата и полагањата на предметите.
„Мали се просториите ТМФ и многу студенти сме, некогаш нема место за предавање, за вежби. Доцна ни стигнуваат и распоредите за полагање бидејќи немаме простории“,
„За лабораториски вежби немаме место во кабинет, немаме просторија, тоа е тоа“,
„Мислам дека многу подобро може да се искористи квалитетот на професорите и на асистентите ако имаме соодветни простории што нè собираат сите, каде што сите ќе можеме да слушнеме предавање“,
велат студентите.
Ова е втор протест на студентите пред Владата, а тие се поддржани и од професорите. Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, кажа дека чекаат одговор од Владата во врска со идејата за дислокација на Бирото за развој на образование од техничкиот кампус, со што ФИНКИ би добил привремени простории.
„На маса“ била и опцијата Бирото за образование пак да се пресели во нови простории на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ). Тој очекува ова прашање да се најде на утрешната владина седница и да добијат позитивен исход.
„Ние изминатите десет дена од нашиот прв протест активно комунициравме со претставници од различни институции кои ги посочи Владата, со цел изнаоѓање трајно решение за нас, меѓутоа, истото сега за сега е невозможно да се направи. Од тие причини сè уште стоиме на нашето барање да сe ослободи што е можно повеќе простор во Технолошко-техничкиот кампус, со можност да го реновираме истиот и да можеме да почнеме со настава во тие простории од први октомври“,
кажа деканот Јакимовски.
Во однос на новата зграда планирана за ФИНКИ во близина на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, која зјае недоградена, деканот Јакимовски смета дека во ваков предизборен момент не може да се најдат средства за доградбата на објектот. Од ФИНКИ би поддржале каков било обид на следната влада за доградба на тој објект или, пак, обезбедување нов.