Во прошталниот говор Меркел порача дека отпорот кон омразата и теориите на заговор мора да биде гласен и силен
Со традиционалната парада вечерва, германската армија го одбележа заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, која за една недела ќе влезе во политичката историја, по 16 години на власт.
Церемонијата, која влече корени од 16 век, е најголемата чест што германските вооружени сили му ја оддадат на цивилно лице.
Меркел им се заблагодари на своите соработници и на семејството, а на својот наследник на функцијата Олаф Шолц му посака многу среќа.
„Шеснаесетте години на канцеларската функција беа исполнети со бројни настани и честопати предизвици. Тие години ми беа предизвик, и политички и човечки. Но, тоа беше време што ме исполни“,
рече Меркел во краткиот говор.
Таа се осврна и на антинаучните ставови во општеството, како и на се поприсутните теории на заговор.
„Нашата демократија зависи и од нашата способност за критички дискурс и самокорекција. Зависи од разговори за интереси и меѓусебно почитување. Тоа зависи од солидарноста и довербата, особено од довербата во фактите. И секаде каде што се негираат научните факти и се шират кампањи на омраза и теории на заговор, отпорот мора да биде гласен и силен“,
рече Меркел.
Како најголеми предизвици таа ги наведе финансиската криза од 2008 година и бегалската криза во 2015 година.
„Тогаш сфатив колку се важни меѓународните институции и мултилатералните инструменти. Затоа што кризите не познаваат граници“,
рече Меркел.
Германската армија или Бундесвер се збогуваат со германските претседатели, канцелари и министри за одбрана со специјална церемонија која вклучува парада, музика и факели.
Традицијата налага личноста во чија чест се одржува да избере три песни што ќе ги изведе воен оркестар. Меркел се одлучи за црковната песна „Grosser Gott, wir loben dich“, евергрин на познатата германска повоена пејачка Хилдегард Кнеф и песната на источногерманската панк-икона Нина Хаген „Du hast den Farbfilm vergessen“. Таа песна беше голем хит во 1974 година кога Меркел студирала физика во Лајпциг, тогашна Источна Германија.
Меркел треба официјално да му ја предаде власта на нејзиниот наследник Шолц следната недела, кога новиот Бундестаг ќе се состане за да избере нов канцелар.