Борел очекува убавиот охридски пејзаж да создаде убава атмосфера за постигнување договор меѓу Вучиќ и Курти. Одам за Охрид, рече тој, со надеж дека ќе се соочам со уникатна можност за Косово и Србија да се придвижат напред. Според неговите најави, пред Вучиќ и Курти утре претставниците на ЕУ ќе извадат „консолидиран анекс“ за имплементација на европскиот предлог за договор кој двајцата претходно го прифатија
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, вечерва со авион кој полета од Скопје, пристигна во Охрид во придружба на премиерот Димитар Ковачевски и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Во Скопје, Борел ја предводеше европската делегација на состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија, а имаше и средби со државниот врв. Последната беше во Вила Водно со претседателот Стево Пендаровски, од каде во обраќање до јавноста кажа со какви очекувања оди во Охрид каде утре треба да се одржи нова рунда преговори помеѓу Србија и Косово претставувани од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Борел му се заблагодари на Пендаровски и на Северна Македонија што го обезбедиле местото за утрешната важна средба и рече дека се надева оти „прекрасниот пејзаж на Охрид ќе создаде убава атмосфера, неопходна за постигнување договор“.
Пред да ги каже очекувањата од охридската средба, Борел потсети дека пред три недели во Брисел Вучиќ и Курти се договориле за предлогот на ЕУ, познат во јавноста како француско-германски. Па затоа, очекува утре во Охрид да се постигне договор за конкретни практични чекори за имплементација на европскиот предлог за нормализација на односите.

„Тие (Вучиќ и Курти) се согласија дека овој предлог ќе биде патот за нормализирање на односите меѓу нив. Исто така, се договорија дека наскоро повторно ќе се сретнеме за да го финализираме анексот за имплементација. Договорот е добар. Начинот на кој ќе се спроведе е подобар. Оваа средба за која се договоривме ќе се одржи утре во Охрид за да се дефинираат практичните чекори што треба да се следат. Во конкретна временска рамка, што треба да се направи? Кога и како? Затоа што имаме искуство со договори кои никогаш не биле спроведени. А додадената вредност на овој договор е тоа што мора да биде спроведен, а ние мора да се договориме кога и како да се спроведе истиот“,
рече Борел.
Специјалниот претставник во изминатите три недели, нагласи тој, постојано патувал за Белград и Приштина за да ги слушне нивните коментари за договорот што го предлага ЕУ, па така утре во Охрид пред Вучиќ и Курти ќе стават консолидирана верзија на анексот за негова имплементација со надеж дека ќе се постигне согласност.
„Двете страни дадоа коментари за анексот за имплементација за кои се разговараме утре. Ќе излеземе со консолидирана верзија на анексот врз основа на овие повратни информации и потоа се надевам дека Косово и Србија ќе можат да се договорат за конечниот резултат од оваа дискусија. Анексот за имплементација ќе биде составен дел на договорот, со цел да биде јасно за сите како ќе ги спроведеме сите одредби кои ги содржат“,
рече Борел.
Ако успееме, вели високиот претставник на ЕУ, тогаш односите меѓу Косово и Србија ќе се постават на одржлив колосек кој е насочен кон иднината.
„Тоа ќе има јасно позитивно влијание на европскиот пат на Косово и Србија и ќе ја зголеми стабилноста на регионот. Се надевам дека ќе креираме нова динамика и нов моментум за проширувањето, што исто така би требало да биде корисно за сите во регионот. Одам за Охрид со надеж дека ќе се соочам со уникатна можност за Косово и Србија да се придвижат напред и да постигнат напредок, да ги нормализираат нивните односи“,
рече Борел.
Обраќањето од Скопје тој го заврши со порака дека никој нема да има повеќе корист од постигнување договор од самите луѓе во Србија и Косово.
„Има можности кои не треба да се изгубат“,
порача тој.
По утрешниот состанок во Охрид, Борел најави дека во понеделник ќе ги брифира министрите за надворешни работи од ЕУ, а в четврток и петок ќе бидат информирани лидерите на Европската унија.
„И денес очите на Европската Унија и на луѓето од Западен Балкан се насочени кон Охрид. Да се надеваме дека ќе биде успешна“,
рече Борел.