Самир Љума вечерва пристигна од Германија во Скопје и е на пат кон еден од објектите за државен карантин, Фејми Даут пак се наоѓа во епицентарот на коронавирусот во Вухан, Кина
По повеќе од една година гостување на светски филмски фестивали и освојување на бројни награди, кинематограферите на документарецот „Медена земја“, Самир Љума и Фејми Даут, се втурнати во нови авантури. Овој пат се на различни страни од светот, Љума пред неколку часа пристигна од Германија во земјава со еден од чартер летовите што ги организираше Владата за враќање на наши граѓани дома. Фејми Даут пак, снима документарен филм во епицентарот на коронавирусот во Вухан, Кина.
Љума за „360 степени“ раскажа дека тргнал од Меминген, Германија и вечерва во 20:45 часот слетале на скопскиот аеродром по што неколку часа чекале во автобус на самиот аеродром и не знае каде ќе бидат сместени за да го поминат задолжителниот државен карантин од 14 дена, како превенција од ширењето на коронавирусот.
„Луѓето почнаа да имаат потреба и за цигара, и за храна, и за вода. Но, добро е сега затоа што пуштија дел да одат до тоалет, да видиме дали ќе ги пуштат и останатите. Никој не знае каде ќе не носат. Сега состојбата се смири, инаку некои патници запалија цигари во автобусот, гајле си немаа. Не се ниту тие виновни, но реагираа лошо кога јас реагирав зошто пушат во автобусот. Да се возевме три саати да разберам, ама запалија штом влеговме во автобусот. Најмногу е виновен возачот кој им дозволи“,
вели Љума.
Тој сподели и видеа на својот профил на „Фејсбук“ на кои се гледа дека автобусот е речиси полн, луѓето внатре пушат цигари и атмосферата е нервозна. Околу 22:30 часот, Љума извести дека автобусот тргнал од аеродромската писта, но посочува дека се гладни и жедни.
Додека тој се обидува да дознае каде ќе ги помине следните две недели во карантин и дали вечерва ќе јаде и пие вода, неговиот колега Фејми Даут токму во епицентарот на коронавирусот во Вухан, Кина снима документарен филм.
Даут во интервју за „Само прашај“ раскажа дека филмот на кој работи во Вухан е во американско-кинеска продукција и поради продуцентката која е по потекло од Пекинг им било дозволено да влезат во градот. Во Вухан во моментов е забрането да влегуваат странци, а пред два дена Кина одлучи да ги затвори границите на земјата за влез на странци, бидејќи регистрирале импортирани случаи на коронавирусот.
„Тука сме дојдени да работиме и работиме интензивно. Голема среќа е што добивме дозвола да влеземе во градот, благодарејќи на нашата продуцентка. самиот град е многу интересен, има чуден спој на древна историја и современ денешен свет. Има многу мала раздвиженост, луѓето главно излегуваат ако имаат да завршат некоја важна работа и потоа секој се враќа дома“,
раскажува Даут.
Љума и Даут изминатава година го обиколија светот заедно со режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. Патуваа на борјни филмски фестивали, освоија важни награди во филмската индустрија, а врвот се достигна кога „Медена земја“ доби две номинации за најпрестижната филмска награда во светот – Оскар.