На 3 јуни главна вест во земјава беше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој беше фатен во внатрешноста на кафеана, кога тие смееја да работат само со летните тераси. Па, остана во сенка драмата што се случуваше во Кратовско претходната ноќ.
„Група полицајци оставиле цело село без сон. Гласната музика и многу бучава ги вознемирила соседите. Напомош се вклучиле и специјалците од Единицата за брзо распоредување кои ги лишиле од слобода развеселените колеги поради непочитување на мерките за заштита од ковид-19“,
објави ТВ Канал 5.
Веќе следниот ден случајот доби и партиско-политички контекст.
„Полицајците на Чулев директно ја прекршуваат забраната, односно не постапиле согласно здравствените прописи за време на епидемија“,
обвини портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Седум месеци подоцна, пред камерата на „360 степени“, проговори и другата страна во приказната.
„Ние сме на приватен имот, ние не сме на јавни површини“,
реагира еден од полицајците „славеници“.
Дали мерките против ковид-19 беа искористени и за меѓусебни пресметки на ривалски табори во кратовската полиција?
Во оваа викендичка, на 2 јуни годинава, се случи редок настан – полицајци да апсат полицајци. Настаните почнуваат попладнето, кога шестмина колеги се собираат во приватниот објект, сопственост на еден од присутните. Еден полицаец, инаку симпатизер на СДСМ, треба да чести за прва плата, па за да помине поевтино, наместо во кафеана, одат во викендичката. Полицаецот домаќин е член на ВМРО-ДПМНЕ.
„Далеку од забава. Значи, беше ручек со колеги од иста смена што постојано работиме заедно“
вели еден од присутните полицајците во викендичката, кој сакаше да остане анонимен.
Подоцна на групата ѝ се приклучуваат двајца повозрасни жители од околината.
„Поминуваа тука покрај имотот на Александар, од косење, а беше почнало да роси, да врне и нè замолија да влезат ако може на имотот, да се засолнат. Александар им дозволи да влезат, влегоа внатре, седнаа на ручекот, им дадовме по едно пиво… Станавме осум“.
Трета „тура“ гости се уште двајца полицајци, кои вршеле обиколка на теренот. Но, потоа доаѓаат и „несакани“ гости.
„Знаете како се разговара, како луѓе што се познаваат. Ние, сепак, сме колеги, заедно работиме, и ден и ноќ сме заедно и со нив сме биле во смена. Почнавме да правиме муабет, значи ви велам – две до пет минути поминаа, се појавија старешините, ни побараа лични карти. Александар ги праша дали имаат налог да влегуваат на приватен имот, при што истите му одговорија дека имаат. Значи, на сите што бевме тука ни рекоа дека сме лишени од слобода“,
вели еден од уапсените полицајци.
Апсењето не оди лесно. Според нашиот соговорник, собраните во викендичката одбиле да се упатат во полициска станица бидејќи им било наложено да одат со приватни возила, а тие веќе пиеле. Затоа, старешините викнале засилување. На крај, интервенираат посебни полициски единици. МВР, првично, објави видео, па го повлече. Во медиумите остана ексклузивна снимка на еден медиум.
Групата осомничена за групирање, потоа топтан е однесена во малата полициска станица во Кратово, па пуштена дома. Славениците веќе се казнети дисциплински, со четири месеци пониска плата, а вкупно осумтемина полицајци и двајцата цивили се гонат и пред суд, за непостапување според здравствените прописи во време на пандемија. Но:
„Нас нѐ гонaт за јавен простор, а не за приватен имот, бидејќи во моментот на апсењето не постои уредба за организирање прослави на приватен имот, што и сега во моментот, Владата кога правеше обиди за приватен имот, не им успеа, бидејќи било противуставно. Епа, ако е противуставно сега, било противуставно и пред неколку месеци?
– Сепак треба да дадете и личен пример, а и според внатрешните правилници на МВР се смета дека сте го нарушиле угледот на МВР.
Да, меѓутоа за јавни површини, ние сме, пак ќе ви повторам, на приватен имот, ние не сме на јавна површина“,
тврди полицаецот.
Без разлика на тоа колку е одговорно и безбедно да се групираат луѓе во време на пандемија, приватноста на граѓаните е заштитена со Уставот. Членот 26 пропишува дека се гарантира неповредливоста на домот. Затоа, сите досегашни одлуки на Владата за спречување на ширење на коронавирусот се однесуваа исклучиво за јавните простори, а за „по дома“ остана на ниво на апели и препораки. Безуспешен обид да се обезбеди поголема надлежност на полицијата за да интервенира и во домовите имаше есенва преку предлогот за „прекројување“ на Законот за заштита на населението од заразни болести. Таков предлог даде министерот Филипче повикувајќи се на Комисијата за заразни болести.
„Се забранува групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште, стан или куќа, сопствениците дозволено е да примат најмногу четири луѓе, односно на семеен настан да бидат сите што се со живеалиште на таа адреса плус најмногу четворица други“,
предложи министерот Венко Филипче на 8 октомври годинава.
Ова наиде на бура реакции во јавноста поради неуставноста на предлогот.
„Секако дека уставно загарантираното право на неповредливост на домот останува и тука не може полицијата да дејствува од овој аспект. Секако дека доколку постои одредена пријава ќе треба да се дејствува, меѓутоа да се запазат тие уставни начела коишто ќе значат неповредливост на домот“,
рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во гостување на ТВ Сител.
Владата соопшти дека е неопходна измена во Законот за заштита на населението од заразни болести за полицијата да може да интервенира дома, но поради жестокиот притисок на јавноста за неуставноста на мерката, ваквиот предлог не „заживеа“.
Во времето кога се случил настанот во Куклица, полицијата имала право да тропне на сечија врата со обезбеден судски налог, како што било отсекогаш. Во конкретниот случај, надлежните тврдат дека пријавата стигнала од граѓанин. Но, Куклица е село од разбиен тип, а до викендичката има само една куќа и ресторан.
Единствениот сосед вели дека ќе сведочи и на суд дека немало ништо надвор од дозволеното.
„Се собраа тука дента неколку луѓе, нормално, како секој ден, немало никаква причина за пријава за вознемирување.
– И вие разбравте од медиумите?
Да, да, да утредента. Меѓутоа, да имало гласна музики или гужви, немало, тоа знам бидејќи тука сме цел ден, нонстоп, цело време сме тука“,
вели Костадин Ефремов.
Како полицијата однапред знаела дека се прекршуваат мерки за да упадне во приватен имот во Куклица? Обвинетите се речиси сигурни дека во заднина се нарушените лични односи во полицијата, што приватни што партиски.
„Александар Наковски му пиша глоба за нерегистрирано возило на помошник-командирот на полициската станица во Кратово, значи една или две недели пред тоа, сега не знам кога беше настанот, и за одбивање на наредба бидејќи тој одби да соработува и им избега со возилото. Тој помошник-командир учествува во акцијата за апсење на Александар и другите полициски службеници. Не знам дали е казнет по налозите што му ги има напишано истиот, тоа МВР треба да се изјасни, или е спасен истиот, а по изборите е награден и ставен е заменик-командир на полициска станица Кратово. Значи, кога можат обичните граѓани да ги тераме да регистрираат возила, ќе регистрира и помошник-командирот од Кратово.
– Да, но кога ги тераме обичните граѓани да не се групираат, па и да апелираме и за приватни имоти, истото важи и за полициските службеници…
Точно, да, така е, јас тоа го потврдувам дека е така. И сега не треба да се групираат повеќе луѓе. Меѓутоа, знаете вие, јас пак ви реков дека нема уредба во моментот. Можеби имаме дел кривица што сме биле тука, иако ние сме како едно семејство, бидејќи постојано работиме заедно и колку и да сакаме да се заштитиме едни од други не можеме. Затоа што, кога приведуваш лице, како ќе се заштитиш еден од друг?“,
тврди нашиот соговорник.
Нашиот соговорник тврди и дека дел од кратовските полицајци сега се прераспределени по други станици, а во Кратово доаѓаат полицајци од други места. Од МВР не сакаа да ги коментираат обвинувањата за лични и политички пресметки, ниту да зборуваат за судскиот процес.
Од кумановското обвинителство, пак, велат дека постапиле согласно кривичната пријава поднесена од МВР, дека осомничените го сториле кривичното дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Ако се разгледаат службените весници од периодот на вонредната состојба, не може да се најде таква Уредба за каква што говорат од обвинителството. Единствено има Уредба со законска сила од 20 март, која се однесува на Законот за јавни собири, а со која „се забранува одржување јавни собири“. Притоа, воопшто не се споменуваат приватни собири или собири на приватен имот.
Обвинетите од случајот „Куклица“ се надеваат дека Судот ќе пресуди во нивна полза.
„Се надевам дека судиите ќе излезат попаметни од нашиве во МВР и ќе знаат добро да го толкуваат законот и да нè ослободат“.
Судскиот спор се води во кратовскиот суд. По две одложени, осомничените се надеваат дека по Нова година конечно ќе се одржи првото рочиште. Собирот во Куклица не е модел на однесување што треба да се следи, но до каде оди надлежноста на полицијата потсети и министерот за здравство во пресрет на празниците.
„Останува на свеста и совеста на граѓаните, нема друг механизам, за жал, тука следи некаква забрана со оглед на тоа што интегритетот на домот е загарантиран со Уставот“,
изјави министерот Филипче минатата недела.