Силно невреме синоќа ги зафати Хрватска и Босна и Херцеговина. Едни од најпогодените градови беа Загреб и Тузла.
Делови од хрватскиот главен град во вечерните часови беа целосно отсечени, улиците беа под вода, а противпожарната служба соопшти дека се поплавени стотина објекти. Пожарникарите имале стотина интервенции и примиле околу илјада повици за помош, а една од нив била и извлекување на маж заглавен со автомобил под подвозник. Трамвајските линии беа прекинати, а надлежните служби апелираа до жителите да не се движат и да останат дома.
Видео: Index.hr
Во БиХ еден од најпогодените градови, пак, беше Тузла каде градскиот кризен штаб за цивилна заштита на вонредна седница синоќа прогласи состојба на природна непогода.
Како што пренесуваа босанските медиуми, првите информации покажуваат дека штетата во овој град е исклучително голема, а сите расположливи екипи се на терен.
Екипи од противпожарната служба испумпуваа вода надвор од зградите во градот, а одводите се чистат. Поплавени беа десетици станбени и деловни згради, а некои населени места останаа без струја и вода. И во Тузла улиците беа поплавени, автомобилите тешко се движеа, а ветрот кршеше дрвја.
Видео: klix.ba