Тајфунот, категоризиран како „силен“, со удари на ветер до 60 метри во секунда (216 км/ч), пристигна утринава во близина на градот Сатсумасендаи, кој се наоѓа на југозападниот остров Кјушу, објави метеоролошката агенција
Југозападниот дел на Јапонија утринава беше погоден од силен дожд и многу силен ветер додека тајфунот Шаншан падна на копно во префектурата Кагошима, прекинувајќи ја струјата во повеќе од четвртина милион домаќинства и повредувајќи десетици луѓе.
Тајфунот, категоризиран како „силен“, со удари на ветер до 60 метри во секунда (216 км/ч), пристигна утринава во близина на градот Сатсумасендаи, кој се наоѓа на југозападниот остров Кјушу, објави метеоролошката агенција.
Властите предупредија дека бурата може да биде една од најсилните што некогаш го погодила регионот, а локалните власти издадоа наредби за евакуација на милиони жители во неколку префектури.
Едно лице се води како исчезнато, а 39 се повредени во префектурите Кагошима и Мијазаки, информира јавната телевизија НХК. Снимката на НХК покажува скршени ѕидови и стаклени прозорци на згради во Мијазаки.
Повеќе од 250 000 домаќинства во седум префектури беа без струја до 9 часот по локално време во четвртокот, според „Кјушу електрик пауер“.
Откако ќе го погоди Кјушу во текот на следните неколку дена, невремето се очекува да се приближи до централните и источните региони, вклучувајќи го и главниот град Токио, околу викендот, соопшти метеоролошката агенција. Големите производители на автомобили, вклучувајќи ги „Тојота“ и „Нисан“, ја прекинаа работата во речиси сите домашни фабрики поради невремето.
Авиокомпаниите, вклучително и „АНА Холдингс“ и „Јапан ерлајнс“, веќе најавија откажување на повеќе од 600 домашни летови. Возниот сообраќај е прекинат во многу области на Кјушу.
Тајфунот Шаншан е најновиот систем за тешки временски услови што ја погоди Јапонија по тајфунот Ампил, кој исто така предизвика прекин на електричната енергија и евакуација на почетокот на овој месец.