Повеќе од година и половина го следиме секој чекор од изградбата на диво на два големи комерцијални објекта на Пластичарска, во делот кој е под надлежност на Општина Центар. Знае Општината, знае Државниот градежен инспекторат, знаеше премиерот, знаеше и сè уште знае и Обвинителството
И, наместо да бидат урнати, еден од објектите ширум ги отвори вратите и во него функционира голема продавница. Се разбира, може да пазарите, но фискална не очекувајте. Погледнете го видеото
Пластичарска, 2024. Веќе година и половина известуваме за две дивоградби на оваа улица, а работите се движат во насока спротивна од законот. Во првиот дивоизграден објект, на државна земја, со зелена фасада, некој почнал да складира роба. Неколку метри подолу е втората нелегална градба. И таа е на државно земјиште. Кога последен пат снимавме тука во тек беа подготовки за отворање на продавница со лого „Муслим Шоп“.


Од „Муслим Шоп“ во септември кажаа дека не се сопственици на овој објект. Образложија дека се откажале од првичниот план за вселување, оти градбата не е легализирана, па не можеле да склучат договор за закуп. Но, фирмата се чини нема намера да го напушти објектот. Па ги прашавме, што ги премисли и дали во меѓувреме склучиле договор со некого за изнајмување на просторот. Одговор не добивме ниту во ноември.
Шест месеци подоцна, „Муслим Шоп“ ги отвори вратите за продажба. Имаат и струја, па бизнисот може да врви без пречка. Член на нашата редакција влезе внатре како мушерија.
Здраво.
-Здраво.
Марами некои?
-Бараш шамии, така?
Така, како шамии некои. За поклон.
-Тука нема, во Чаир има.
А што може за женско нешто поклон? Овие што се кремиве?
За коса. Не знам ни јас, за коса.
-Колку е тоа?
300 мислам.
-Па, дај едно такво ќе земам. Ај, ова ќе го земам. Повелете.
Фала.
-Фискална имате ли? Тие ги скенирам.
Не, немаме тука.
Ок, фала.Чао.

Општина Центар двапати се обиде да ги урива двете дивоградби, но акциите пропаднаа. Првиот пат немаше слободни полицајци да асистираат, а вториот пат, во очи на акција за уривање, Градежниот инспекторат ја одзема документацијата од Центар по наводна анонимна претставка и со записник ја задолжи Општината да ја повтори цела процедура.
И тргнаа институционалните сплетки. Центар на Управен суд го тужеше Државниот градежен инспекторат, но тужбата пропадна со образложение дека записник не е управен акт. Од Инспекторат, пак, тврдеа дека Општината сама се заплеткала – наместо тужба, требало да поднесат приговор против записникот. Така, кажаа тогаш од државниот инспекторат, би биле должни да се произнесат. Од Општината го сторија и тоа. И сега, велат, чекаат одговор.
„Со оглед дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам не одговори на приговорите, а завршен е судскиот предмет пред Управен суд, Општина Центар достави Барање-ургенција во февруари оваа година со кое побара произнесување од нивна страна од причина што е одминат подолг временски период од доставување на приговорите. Токму поради наведеното, администрацијата на Општината презема соодветни правни дејствија и изготвува правни лекови со цел надлежните институции да ги донесат соодветните правни акти кои се неопходни со цел овозможување на Општина Центар да продолжи со постапување по конкретните дивоградби“,
ни одговорија од општината написмено.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски за првпат одби да даде изјава во камера за оваа тема. Образложението на неговата прес-служба беше дека бил презафатен со работа. Па така останува нејасно какви „правни лекови“ презема општината и каков план има за понатамошно постапување со конкретните дивоградби. Герасимовски има мандат уште година и половина.

Нема одговор ниту од Државниот инспекторат за градежништво за тоа дали и кога планираат да се произнесат по приговорите на Општина Центар што е неопходно за локалната власт да може да постапува.
А, нема промена ниту во Катастарот. Постарата дивоградба со зелена фасада е на државно земјиште и објектот никаде не фигурира. И втората дивоградбата, каде се всели „Муслим шоп“, е на државно тло, а како сопственик на објект од околу 120 квадрати се води Ахмед Динарица. Извесниот Динарица тука легализирал многу помал објект, но на местото нелегално никна ова многу поголемо здание.
Случајот своевремено стигна и до тогашниот премиер.
„Другите институции што треба да го санкционираат, исто така, треба да бидат на ниво на задачата. Доста беа попусти 30 години во оваа држава. Некој да се чувствува државата да му е мајка, а на некого да му е маќеа“,
изјави Ковачевски во септември 2023.

Меѓу другите институции за кои зборуваше Ковачевски, е скопското обвинителство кое одамна го утврди кривичното дело – бесправно градење и кажа дека има потенцијални осомничени. Сега оттаму велат дека проверките сè уште се во тек.
И додека се проверува, бизнисот си врви – според народната дека државата за некого е мајка, а на некого маќеа.
ПОВЕЌЕ НА ТЕМА ДИВОГРАДБИ: