Преку границата, во Турција, гувернерот на провинцијата Едрине денеска изјави дека граничниот премин кај Ипсала е затворен поради пожарите

Грчките власти денеска евакуирале уште пет села во близина на североисточната граница на Грција со Турција. Пожарот, кој веќе уништи неколку домови, се приближил до новите села.
Нема извештаи за сериозни повреди на пожарникари или жители од шумскиот пожар во близина на градот Александрополи, поради што вчера беа евакуирани уште осум села.
Силни ветрови ги разгореа пламените јазици. Околу 200 пожарникари, потпомогнати од 16 авиони кои фрлаат вода, доброволци и полиција, се бореа со пожарот во близина на Александрополи, пренесува Катимерини.
Според локалните власти околу половина куќи и помошни објекти, како и една црква биле тешко оштетени во две од евакуираните села. Делови од главниот автопат се затворени втор ден бидејќи чадот ја намалил видливоста, додека на жителите на Александруполи им било препорачано да ги држат прозорците затворени.
Грчкиот министер за цивилна заштита, Василис Кикилијас, денеска изјави дека пожарникарите, полицијата, армискиот персонал и доброволците „водат интензивна битка“ во областа Александрополи.
„Нема да се дозволи работа на отворено што може да предизвика пожар. Сите ние мора да ја заштитиме нашата земја“,
рече тој.
Преку границата, во Турција, гувернерот на провинцијата Едрине денеска изјави дека граничниот премин кај Ипсала е затворен поради пожарите, пренесува Катимерини.
Грција секое лето е погодена од големи пожари за кои властите велат дека се влошени поради климатските промени.
Минатиот месец голем шумски пожар на одморалиштето на островот Родос принуди евакуација на околу 20 000 туристи.