Засега е најблиска верзијата за човечка грешка, за што посебно се испитуваат условите на делницата каде што се случи сообраќајката, како сообраќајната сигнализација, ознаките и осветлувањето на патот
Отфрлени се верзиите за туби со нафта или за терористички чин
И од сведоците дознаваме дека автобусот отишол вдесно, не се знае зошто, дали возачот се збунил или загубил контрола или има друга причина. Темно било, ситуацијата е таква на патот, така што е можно да дошол во некоја лесна заблуда дека бил во коловозна лента, во кривината десно, а тоа е исклучувањето кон одморалиштето покрај патот, велат од бугарското обвинителството
Веројатна причина за пожарот е ударот во оградата во десната страна, при што таа се подвлекла под автобусот и предизвикала искрења. Притоа, течностите – горивото и маслата се запалиле од тоа искрење
Бугарското обвинителство ги отфрла верзиите за туби со гориво или за терористички чин врз автобусот на „Беса транс“ како причина за несреќата на автопатот „Струма“. Пронајдени се 44 тела, а повеќето патници починале од задушување.
На претпладневната прес-конференција во Софија, во врска со првичните наоди од истрагата, заменик на главниот обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, рече дека засега е најблиска верзијата за човечка грешка, за што посебно се испитуваат условите на делницата каде што се случи сообраќајката, како сообраќајната сигнализација, ознаките и осветлувањето на патот.
Во автобусот, како што беше речено, имало само три туби со остатоци од нафта, што не може да биде причина за несреќата. Нема, рече Сарафов, туби со бензин или друг запаливи материјали, освен она што е вообичаено за едно возило.
„Пронајдени се три туби. Трите труби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење терористички акт. Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт“,
изјави Сарафов.
Првична верзија за движењето на автобусот и причината за пожарот
Од досегашните информации, обвинителството има и верзија за тоа како се движел автобусот кога дошло до несреќата.
„Автобусот тргнал од бензинската станица каде што има место за запирање. И од сведоците дознаваме дека автобусот отишол вдесно, не се знае зошто, дали возачот се збунил или загубил контрола или има друга причина. Темно било, ситуацијата е таква на патот, така што е можно да дошол во некоја лесна заблуда дека бил во коловозна лента во кривината десно, а тоа е исклучувањето кон одморалиштето покрај патот. Тоа е разделено со ограда која е еластична и не е класична ограда. Таа е поставена од надворешна страна на патот за одморалиштето и таму удрил автобусот. Девет столпчиња од оградата се скршени и цела ограда е однесена до другиот дел на патот. Автобусот потоа ја удрил и левата заштитна ограда и продолжил да се движи. Вратите биле блокирани. Предната десна врата е деформирана. Таму се наоѓа резервоарот за нафта. При тој удар експертите ќе утврдат што точно ја предизвикало искрата, како се запалила нафтата. Сведоците потврдуваат дека непосредно по ударот интензивно се раширил пожар“,
рече Маринов.
Тој додаде дека имало траги од кочење и пред ударот во заштитната ограда, а и потоа.
Обвинителот Сарафов демантираше дека имало експлозија, туку рече дека звукот што го слушнале и работниците кои биле ангажирани на некои задачи таму всушност бил од силниот удар на автобусот во десната заштитна ограда. Тој рече дека експлозија немало, туку само интензивен пожар.
Сарафов даде и првични наоди за тоа што го предизвикало пожарот.
„Веројатна причина за пожарот е ударот во оградата во десната страна, при што оградата се подвлекла под автобусот и предизвикала искрења. Притоа, течностите – горивото и маслата се запалиле од тоа искрење. Одредени воздушни перничиња исто така експлодирале во моментот“,
објасни Сарафов.
Сарафов рече дека досегашната истрага води кон тоа дека повеќето патници во автобусот починале од задушување со чад, како што покажала аутопсијата која е завршена.
Има ли осми преживеан патник?
Во остатоците од автобусот се пронајдени 44 трупа, соопшти портпаролката на бугарскиот обвинител Сијка Милева.
Таа објасни дека добиле информација дека во автобусот патувале 52 патници, а во болница се лекуваат седум лица. Еден од двајцата сведоци, преживеаните патници со кои разговарале, тврдел дека спасил осуммина, но како што рече Милева, во болницата има само седум патници.
Затоа тие сега ја истражуваат верзијата дали во моментот на несреќата во автобусот имало уште еден патник кој бил на списокот.
Како една од опциите е дека тој за време на застанувањата е можно да се префрлил во друг автобус. Исто така, според Милева, можно е и самиот сведок да се збунил при исказот.
Сепак, сите присутни на прес-конференцијата апелираа да не се шират шпекулации, дека истрагата сѐ уште трае и дека засега немаат конкретни одговори за сѐ, но дека за кратко време постигнале многу.
„Истрагата не е готова“,
потенцира Сарафов и додаде дека таа е проширена и на бугарската царина.
„Ќе истражуваме кој од бугарските цариници го пропуштил автобусот. Ако има пропусти, ќе има и одговорност во царината и нема да се поколебаме да ги санкционираме ако тие направиле пропуст и придонеле за оваа огромна човечка трагедија“,
рече Сарафов.