Репрезентативците Пандев и Несторовски, во изјави за “360 степени”, сведочеа дека на снимањето на спотот на селекторот Ангеловски му било кажано дека од врвот од ФФМ има барање да отпадне стихот во кој се споменува тој
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска ја објави химната и спотот за претстојното Европско првенство на кое за првпат ќе настапи и нашата сениорска репрезентација. Химната носи наслов „Одиме на Европско“, а е во изведба на ВИС Рисови. Од објавеното видео се забележува дека во песната остана стихот во кој се споменува селекторот Игор Ангеловски, со неговиот прекар Мрме.
„Мрме на чело на црвена армија, те слави Македонија“,
гласи стихот.
За овој стих, како што сведочеа репрезентативци за „360 степени“, имало барања да отпадне. Фудбалерите Горан Пандев и Илија Несторовски рекоа дека на снимањето на спотот сведочеле на ситуација во која на селекторот му било соопштено дека врвот на ФФМ барал да отпадне стихот во кој се спомнува неговото име.
„Како можат да се дрзнат да го тргнат селекторот или некои играчи од химната, тоа е некоректно и жално. Мислам дека стигнала оваа порака до Федерацијата и мислам дека треба добро да размислат пред тоа да го направат. Но, тоа е за секоја осуда. Ја покажаа нивната некомпетентност, нечовечност. Нема да биде коректно да го тргнат селекторот. Ајде, да ги ставиме тогаш луѓето од Управен одбор во химната, дека тие се најзаслужни што се пласиравме на ЕП. Треба да разберат дека ова е репрезентација на сите, а не нивна“,
рече Горан Пандев за „360 степени“.
Присутен на снимањето на делови од спотот за химната бил и репрезентативецот Илија Несторовски.
„Ние играчите бевме повикани да снимаме спот за таа песна. Кога пристигнавме на стадион, не пречекаа Пеце Суперхикс и неговата група – се беше спремно за снимање. Во еден момент почнаа да му објаснуваат на селекторот дека од Федерацијата е побарано да биде тргнат делот во кој се спомнува Мрме. Навистина останавме вчудовидени, не очекувавме таква ситуација, бидејќи знаеме дека тие резултати се постигнати на чело со сегашниот селектор. Снимавме еден дел со него и без него, не знаеме уште како ќе биде. Се надевам дека ќе заврши оваа игра и човекот ќе добие внимание поради сите резултати што ги направи за Македонија“,
изјави Несторовски.
Тогаш „360 степени“ побара став и од претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини, во врска со овој случај и неколку пати комунициравме со тимот за односи со јавност на ФФМ. Последниот пат кратко ни одговорија дека текстот на химната нема да биде променет.
Потоа, Сејдини имаше писмено обраќање преку веб-страницата на ФФМ наведувајќи Федерацијата го одбрала тоа што било сугерирано како најдобро решение за навивачката песна, негирајќи дека тој лично сугерирал промена на стихот во кој се спомнува селекторот Игор Ангеловски – Мрме.
„Никогаш не би дозволил да се мешам во туѓа работа, а посебно да негирам нечии заслуги. Тоа е една од најлошите особини што човек може да ги има“,
напиша, меѓудругото, Сејдини во писменото обраќање.