На терен, како што се наведува, се повеќе од 200 пожарникари. Причината за пожарот и уривањето на кранот сѐ уште не е јасна
Шест лица, од кои двајца пожарникари, се повредени откако градежен кран се запали, а потоа дел од него се урна на десеттата авенија на Менхетен во Њујорк, јавуваат американските медиуми.
Противпожарната служба на Њујорк интервенирала откако добила дојава дека избувнал пожар во кабината на кранот, по што горниот, хоризонтален крак од градежната машина се урнал, а дел од него удрил во друга зграда од спротивната страна на улицата, објавија локалните медиуми.
Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, изјавил дека инцидентот можел да биде „многу полош“.
На терен, како што се наведува, се повеќе од 200 пожарникари. Причината за пожарот и уривањето на кранот сѐ уште не е јасна.
Од видеоснимките објавени на социјалните мрежи може да се забележи како се крева густ џад од кабината на кранот.
NOW – Crane collapses in Hells Kitchen, New York.pic.twitter.com/2ZDwAHpb1e
— Disclose.tv (@disclosetv) July 26, 2023
Во официјалното соопштение од њујоршката противпожарна служба се наведува дека 10. авенија е затворена до дополнително известување од безбедносни причини, бидејќи врз неа паднал дел од кранот. Се посочува и дека околните згради се евакуираат поради страв од дополнителен колапс, пренесува Ен-би-си Њујорк.
Полицијата ја повикува јавноста да ја избегнува областа додека пожарникарите продолжуваат да го проценуваат местото на настанот и да го испитуваат структурниот интегритет на зградите.
Поради несреќата, околните улици се блокирани, а сообраќајот низ блискиот тунел „Линколн“ до Њу Џерси се одвива со тешкотии.
Работник кој се наоѓал во кабината на кранот се обидел да го изгасне пожарот, но топлината го стопила кабелот што го потпира кракот на кранот, поради што се урнал.
Кранот, според извештаите, се наоѓал на 45-катница во изградба и во тој момент пренесувал 16 тони бетон.