Од СДСМ Прилеп денеска објавија дека Мартин Ачкоски зел неплатен одмор од три месеци и заминал во странство, додека вработените се три месеци без плата, а сметката на фирмата е блокирана
Управителот на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп, Мартин Ачкоски зел неплатен одмор и заминал да работи како келнер во Хрватска. Ова денеска на прес-конференција го соопштија од општинската организација на СДСМ во Прилеп.
Од СДСМ – Прилеп велат дека дозвола за ова Ачкоски имал од директорот на ЈКП Комуналец Рубин Абрашоски.
Како доказ дека Ачкоски навистина заминал во странство додека извршувал функција на управител, од СДСМ Прилеп го посочуваат дописот од 28 јуни со кој овластил две лица од претпријатието – референтот на сметководство и набавувачот во трпезарија, во негово отсуство да го користат факсимилот, односно неговиот потпис за фолија за плати, налози за исплата, склучување и раскинување на договори за тир-паркингот и за кетеринг службата.
„Во пишаниот документ кој анонимно беше доставен до СДСМ Прилеп Ачкоски нагласил дека факсимилот можат да го користат единствено и само со негова претходна согласност дадена преку социјални мрежи, СМС, вибер, ватс-ап, месинџер или мејл. Напоменувајќи дека овластувањето важи од денот на неговото издавање и се однесува на севкупниот период на неговото отсуство од работа, управителот Мартин Ачкоски зел неплатен одмор и заминал да работи како келнер во едно од туристичките места во Хрватска со амин на директорот на ЈКП Комуналец Рубин Абрашоски“,
велат од СДСМ Прилеп.
Но тоа што заминал не е единствениот проблем, туку дополнително на тоа е што вработените во „Терминал – Комуналец“ три месеци не зеле плата, а сметката на претпријатието е блокирана поради неплатен ДДВ.
Од СДСМ Прилеп уште истакнуваат дека пред два дена Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“ го разрешил Ачкоски од функцијата управител на Терминалот, но бараат градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески веднаш да го разреши директорот на „Комуналец“, Рубин Абрашоски.