Ставот на СДСМ за свикување на Собранието е непроменет и пратениците од оваа партија сметаат дека е демократски и апсолутно корисно тоа да биде свикано и да ги потврди одлуките за вонредната состојба, порача денеска пратеничката Снежана Калеска-Ванчева.
Таа посочува дека ќе го почитуваат ставот на Талат Џафери, но дека тој барем треба да им одговори на барањето.
„Добро е да има уште еден механизам за контрола над извршната власт. Тоа е единствената причина зошто ние како пратеници сметавме дека треба да го искористиме нашето право, но и нашата обврска како пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Но, уште еднаш ќе потенцирам дека како и досега така и отсега ќе го почитуваме во целост ставот на претседателот на Собранието, но ние како пратеници сметаме дека заслужуваме да добиеме одговор од претседателот на Собранието на писменото барање коешто е формално доставено, а не да добиваме одговори преку медиумите“, рече Калеска-Ванчева.
Таа потенцира и дека пратениците имаат право согласно Уставот и Деловникот на Собранието на такво барање и тоа не може да биде толкувано како пуч, алудирајќи на синоќешниот телевизиски настап на Талат Џафери кој рече дека законодавниот дом може да заседава само по избори, а секој друг начин би бил обид за пуч.