„Алармантно е откритието дека членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и реферираше дека сè е во ред со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата која ја издала спорната диплома. Воопшто не е важно дали е платена за тоа или не. Со пријава до ДКСК оспорена е диплома од универзитетот на кој Ристовска била професорка во време кога Христовски дипломирал во рок од една година“, рече портпаролката на СДСМ на денешната прес-конференција
По вчерашните две барања во врска со случајот со дипломата на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излегоа со уште едно – оставка од членката на Антикорупциска, Цвета Ристовска.

Според портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, основани се сомнежите за судир на интереси по скандалозната одлука на Антикорупциска поврзана со директорот на АНБ и неговата спорна диплома.
Фактите што ги објавија медиумите, како што истакна Кузеска на денешната прес-конференција, се крајно загрижувачки и ја разнишуваат довербата во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и ја компромитираат нејзината независност и стручност.
„СДСМ бара итно:
Оставка на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата, поради судир на интереси кој ја загрозува кредибилноста на ДКСК.
Повлекување и преиспитување на одлуката за случајот со дипломата на директорот на АНБ.
Расчистување на прашањето за евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат“,
рече Кузеска.
Ристовска се најде во фокусот на јавноста откако во вторникот го реферираше предметот за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ. На нејзин предлог Комисијата едногласно одлучи да го затвори предметот, со заклучок дека нема ништо спорно со неговите квалификации за да биде на чело на Агенцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето.
Дополнителното прашање што се отвори еден ден подоцна e дали има конфликт на интерес бидејќи антокурпцинерката Ристовска е ангажирана на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од каде што е и дипломата на Христовски.
„Алармантно е откритието дека членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и реферираше дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата која ја издала спорната диплома. Воопшто не е важно дали е платена за тоа или не. Со пријава до ДКСК оспорена е диплома од Универзитетот на кој Ристовска била професорка во време кога Христовски дипломирал во рок од една година“,
рече Кузеска.
Ова, посочи таа, претставува, уште една основа за директен судир на интереси, што е во спротивност со Етичкиот кодекс на ДКСК. Во таа насока, портпаролката на СДСМ посочи на членот 9 од Етичкиот кодекс на ДКСК, каде што, како што кажа, е јасно наведено дека членовите не смеат да одлучуваат за предмети каде што постои судир на интереси.
„Не смее да има ниту најмал сомнеж за конфликт на интерес кај оние што треба да се борат против конфликт на интерес. Ристовска требало да биде изземена од овој случај. ДКСК треба да биде пример а не да остава впечаток дека штити било кого“,
рече Кузеска.
Дополнително таа се осврна и на, како што ги нарече, пиши-бриши постапките на Универзитетот за туризам и менаџмент, кои според Кузеска дополнително ги подгреваат сомнежите дека намерата е нешто да се сокрие од јавноста.
„Ако се било чисто, зошто по објавувањето на информациите во медиумите за судир на интереси Ристовска беше избришана од составот на универзитетскиот кадар? За вчера повторно да биде вратена на интернет-страната на Универзитетот“,
рече таа.

На крајот Кузеска порача дека институциите мора да работат во интерес на граѓаните и со највисок интегритет, а судирите на интереси, манипулациите и злоупотребите мора да бидат санкционирани. Затоа, додаде таа, од опозициската партија бараат итни и конкретни мерки кои ќе ја вртат довербата кај граѓаните.
Одлуката на ДКСК за предметот на Христовски вчера беше тема и на седницата за пратенички прашања во Собранието. Бранејќи ја, претседателката на Комисијата Татјана Димитровска рече го повтори истото што претходно преку соопштението го кажаа од ДКСК, дека нејзината колешка Цвета Ристовска нема склучено договор за финансиски надоместок со Универзитетот за туризам и менаџмент и не е член на наставниот кадар, а предметите се распределуваат електронски.
„Предметите се распределуваат електронски и нема можност за човечки фактор, односно субјективизам. Ги почитуваме строго овие правила кои се утврдени во Деловникот и Законот“,
рече Димитровска.
Одлуката во однос на именувањето на на директорот на Агенцијата за национална безбедност била донесена врз основа на принципи и во рамките на нивните надлежности.
„ДКСК нема надлежност да утврдува и постапува доколку во одредени случаи постојат индиции за доставени неверодостојни документи“,
рече таа.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера расправаше за случајот со (не)законитоста на именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност отворен поради сомневањата за валидноста на неговата факултетска диплома и на ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик.
Членовите на ДКСК се прогласија за ненадлежни да одлучуваат по ова прашање, бидејќи не можеле да вршат експертиза за валидноста на дипломата. Дополнително, од страна на Ристовска при реферирањето на предметот беше наведено дека во врска со случајот, Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор и не утврдил никакви незаконитости во работењето на Универзитетот.
Освен за дипломата, Комисијата вчера се прогласи за ненадлежна и во однос на ТОЕФЛ-сертификатот на Бојан Христовски.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни установи, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле документ со невистинита содржина, односно ТОЕФЛ-сертификати токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го немаше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г., од кога датира оној на Бојан Христовски.