Ние не бараме фатаморгана некоја, бараме да ги вкрстиме аргументите за покачувањето на струјата, порача претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) Марјан Ристески на вечерашниот протест против поскапувањето на цената на струјата кој заврши пред Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Тој им порача на новите пратеници дека протестот е порака и за нив, да се слушне гласот на народот наместо да се остава впечаток уште на самиот старт на нивните мандати и на Новата Владата дека никој не го слуша. Првиот човек на КСОМ се пожали дека никој не сака да ги прими да разговараат што, порача, создава голем револт.
„Некој да не те прима уште на самиот старт е многу лошо, ќе се направи голем револт. Немаме намера да се откажаме, бараме преговори. Во држава која е членка на НАТО и која аспирира кон ЕУ, преговори мора да постојат. Ние не бараме фатаморгана некоја, бараме да ги вкрстиме аргументите. Некој ќе каже дека е мало покачувањето на струјата, не е точно. Во време на коронакриза, на годишни одмори, ја качија струјата. Нека се запрашаат господата што прават тие граѓани што се преку 30 000 што останаа без своите работни места. Секој ден граѓани остануваат без работа и сега уште да се оптоварат со дополнителни трошоци“,
рече Ристески.
Тој вели дека нивниот протест е граѓански, а не политички. Почнале да протестираат уште пред да се формира влада, а упати порака и дека ако некој ги испровоцира ќе бидат принудени да настапат пожестоко.
Овој протест беше најавен протестен мото-синдикален граѓански марш, кој ќе тргне од ТЦ „Чаирчанка“ и ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика и Собранието.
Претходно денеска, протест со блокада на сообраќајот на улиците кои водат кон РКЕ организираше и ВМРО-ДПМНЕ.
