Двете единствени општини под карантин во Македонија, Дебар и Центар Жупа, ја минуваат втората вечер под полициски час. Но, за разлика од остатокот на државата, сликата по 21 часот овде беше слична и во претходните денови. По некој автомобил и комуналните служби се ретките „ноќни птици“.
По изгрејсонцето е различно, но не многу. Ретки се случајните минувачи. Дури и на пазарот, кој за викенд вообичаено е полн.

Дебарскиот градски пазар денеска е целосно речиси празен. Само пред неколку недели тука можеа да се видат илјадници пазарџии и голем број на продавачи од Дебар и пошироко. Денес веќе нема никој. Има еден мал дел на тезги на кои се продаваат одредени овошја и зеленчук.
Како одминува денот, состојбата не се менува многу.
„Продажбата навистина да зборуваме оди многу слабо, затоа што луѓето не излегуваат надвор. Имаат страв од сите. Не знам како ќе го поминеме ова време… не знам, тешко и за држава и за нас,“
вели еден од малкумината продавачи на пазарот во Дебар.
Согласно препораките, кафулињата во Дебар не работат. Отворени се само маркетите и аптеките. Но полиците, се полни.

– Што мислите, дали дуќаните се доволно снабдени?
Вака како што изгледа е добро. Понатаму ќе видиме како ќе биде ситуацијата.
– Како одат работите, што најчесто купува муштеријата?
Најчесто основни работи, масло, брашно, шеќер, јувки, батаци, јајца
– Дали мислите дека дуќанот е снабден се сето она што го држите тука?
Засега сме добро снабдени. Според нарачките има роба. Се надевам дека и натака ќе има се што ни е неопходно.
Набавките за градот ги координира Регионалниот центар за управување со кризи Дебар.

„Значи, шоферот не смее да излегува од кабината на возилото, од камионот со кој доаѓа шоферот. Значи целата процедура е да се донесе робата во Дебар и после шоферот, како што е внатре во кабината на каминот со процедурите на полицијата излегува надвор од територијата на општина Дебар“,
вели м-р Арјан Обоку- Центар за управување со кризи
Според последните податоци, во Дебар се регистрирани 40 заболени од COVID-19, а едно лице од овој град ја загуби борбата со болеста. Во самоизолација се повеќе од 160 лица.
Кризниот штаб, кој го води градоначалникот Хекуран Дука, секојдневно се соочува со предизвици. На пример, иако добро тече снабдувањето со храна и лекови, деновиве се создала тензија за поделбата на хуманитарната помош од Електрани на Северна Македонија.

„Ние зазедовме став дека штабот, оперативниот штаб, веќе нема да се ангажира околу распределба на хуманитарните пратки во вид на храна, облека и на лекови. Оваа активноста ние ја пренасочивме накај хуманитарните здруженија и другите невладини организации што делуваат во градот Дебар“,
изјави д-р Хекуран Дука- градоначалник на Дебар
Граѓаните, вели тој, се дисциплинирани. Но, има исклучоци.
Безбедносната состојба во градот е задоволителна иако има три прекршоци на граѓани кои не ги почитувале одредбите на владата на Република Македонија и тие се веќе во обвинителството и ќе е преземат санкции. Исто така имало и две кражби кои се веќе откриени и за нив ќе се зема санациони мерки.
Секое свое излагање Дука го завршува со апел до сожителите – држете пристојна дистанца и придржувајте се до сите мерки.
Истото го вели и неговиот колега од Центар Жупа, Аријан Ибраим.

„Самиот почеток беше во село Баланци, двајцата значи брачен пар, еден брачен бар маж и жена. И ние останавме со двајца веќе околу 15-тина дена нема појавено нов таков случај, што прикажува на некој начин дека нашето население добро ги слуша препораките на владата и исто така ги применува мерките кои ги препорачува самата влада“,
вели м-р Аријан Ибраим, градоначалник на Центар Жупа.
Но, Ибраим, повикува мерките и понатаму да се почитуваат, особено полицискиот час.
Ги опоменувам нашите граѓани да внимаваат на тоа, бидејќи можат да дојдат во судир со министерството за внатрешни работи и да пролизгуваат дополнителни проблеми. Се што е препорачани, будно дома да следиме на телевизии, што упатуваат, што препораки се даваат, истите да ги применуваме и само на тој начин ќе го спасиме својот живот.
вели Ибраим.
Како во Дебар, така и во Центар Жупа, активностите за дотур со храна и лекови ги прави регионалниот центар за управување со кризи. Проблеми во тој дел, и тука, нема.
„Мислам дека на терен, сето тоа, во овие денови, од прогласувањето на кризната состојба, тече во добар тек, така што мислам дека онаа соработка што ја имавме досега меѓу субјектите верувам дека ќе продолжи и понатаму“
вели Фемија Ајровски, Центар за управување со кризи.
Особено по првиот смртен случај во градот, и самите жители на селата во општина Центар Жупа веќе имаат исто мислење – што треба, а што не треба да прават.

Секако бевме во карантин овде, немавме луѓе. Сега е тоа, треба да почитува. Не треба плашење. Психички сите… подобро е пушти живот и подобро е.
– Дали излегувате често надвор или ги почитувате мерките на владата?
Само по потреба иначе не.
– Што ќе им препорачате на другите?
Им препорачувам на сите да ја следат состојбата, да ги почитуваат сите наредби кои се од владата за што побрзо да излеземе од оваа ситуација.
За „360 степени“ од Дебар и Центар Жупа, Фехми Скендер.