Не може да се набави софтвер, а допрва да се набавува хардвер и допрва софтверот да се стави во употреба, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој со години ги мониторира јавните набавки во земјава
„Ќе ве замолам, без тенденциозни наметнувања, затоа што не е коректно да кажете дека во период кога било се компетитивно, кога имало три компании, дека се поврзуваат со мене. Според мене, тоа е само наведување за нешто што апсолутно не е така во реалноста“, вели Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот
Ретко кој ги забележува, но ги има речиси на секој семафор во Скопје. Безбедносните камери пред речиси 10 години беа поставени за надзор на јавниот простор, но и со план автоматски да казнуваат за сообраќајни прекршоци.
Тогашната влада на Никола Груевски најавуваше дека камерите ќе го сликаат секој прекршок заедно со регистарската табличка, а казната ќе стигнува на домашна адреса на сопственикот на возилото, заедно со фотографија од прекршокот.
По долгогодишно затишје, лани, претходната влада на Зоран Заев купила софтвер што ќе овозможи автоматско казнување.
Ама изминаа повеќе од осум месеци од датумот кога софтверот требало да биде испорачан, а камерите не изрекуваат казни. Потрагата по одговорот зошто, отвора дополнителни дилеми.
Софтверот не го купил надлежниот ресор МВР, туку Генералниот секретаријат на Владата – тогаш предводен од Драги Рашковски.
Огласот бил распишан во ноември 2019 година, се пријавиле три фирми, а со победникот „Инвока гроуп“ бил потпишан договор вреден околу 81 000 евра во февруари 2020 година. Софтверот, кој треба да одредува брзина, локација, регистарска табличка и да регистрира прекршоци, како на пример, поминување на црвено, требало да биде испорачан најдоцна во јули 2020 година.
Рашковски: Софтверот не е во функција поради короната и неопходни законски измени
Рашковски, кој сега е секретар во кабинетот на премиерот, задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти, вели дека испораката била навремена, а дека софтверот не е во функција од други причини.
„Софтверот е предаден, истестиран и е комплетно во сопственост на Република Северна Македонија, меѓутоа поради почетокот на короната и поради тоа што има потреба од одредени законски измени коишто треба да следуваат, пред сѐ во делот на заштита на личните податоци, треба да се види дали се поклопува негде со заштита на приватноста на луѓето. Сите тие сегменти беа опфатени, се почна со една работна активност и се чека поминување на пандемијата која сега полека гледаме дека стивнува за да се финализира целокупниот процес за негова понатамошна примена“,
вели Рашковски.
Но, зошто Генералниот секретаријат купувал софтвер за казнување сообраќајни прекршоци кога тоа е работа на полицијата, која, патем, управува со актуелниот систем „Сејф сити“? Рашковски одговара дека набавката е дел од поширока координација со повеќе институции, со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот.
„Системот на ‘Сејф сити’, колку што сум јас запознаен, е покомплексен од овој тип софтвер. Ова треба да биде само еден дел од целокупниот ‘Сејф сити’ систем, може да биде и треба да биде само еден дел од истиот. Така што, ‘Сејф сити’ системот којшто МВР сака да го имплементира, од тоа што јас знам, бидејќи знаете дека додека бев генерален секретар, тие податоци ги комунициравме, но во иднина ова решение коешто е направено, идејно или целосно апликативно, може да биде дел од системот на ‘Сејф сити’“,
вели Рашковски.
Секретаријатот подолго време се обидувал да го купи софтверот, за што сведочат двата неуспешни тендера во 2019 година. Дека, пак, се било по план, Рашковски посочува на годишниот план за јавни набавки.
Но, зошто е купен софтвер пред да се види дали актуелните камери на МВР можат да одговорат на потребата?
„Софтверот е апликативен за кој било вид камери. Треба да се утврди дали техничките карактеристики на постојните камери се доволни, поради тоа што се поставени пред извесни години. Знаеме техниката оди многу брзо напред и денеска е полесно да купите нови камери отколку старите некако да ги одржувате или апгрејдирате. Секако, набавката на камери којашто би следувала би била од страна на МВР“,
вели Рашковски.
Софтверот го нема во плановите на МВР
Но, ставот на МВР се коси со она што го вели Рашковски. Примарно, велат дека камерите во системот „Сејф сити“ не може да се користат за намената на софтверот што го купил Рашковски. Подготвуваат свој проект за казнување преку видеонадзор, а за софтверот на Генералниот секретаријат велат дека немало координација.
„Во врска со набавката на софтверот за кој прашувате, ве известуваме дека тој софтвер не е дел од системот на МВР и поради тоа нема потреба од координации, меѓутоа можно е да е координирано со други државни органи, имајќи предвид дека одредени надлежности за оваа проблематика имаат и други државни институции“,
велат од МВР.
Сепак, во земјава, само полицијата има право да дели казни според Законот за безбедност во сообраќајот. А ако од МВР велат дека софтверот не е за нив, одговор каде ќе се инсталира и зошто го купил Генералниот секретаријат побаравме во Владата. Најконкретните одговори во преписката беа:
„Софтверот е наменет за управување и контрола на уреди/камери со помош на кои се одредува просечната брзина на возилата……“;
велат од Владата.
„Системот е во сопственост на Република Северна Македонија, а понатаму може да биде предаден на користење на која било државна институција“,
Филков: Нелогично е да набавувате софтвер без да знаете каде ќе го користите
Според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации – невладина организација која ги следи јавните набавки, купувањето на софтверот во вакви околности е нелогично.
„Не може да се набави софтвер, а допрва хардверот и допрва софтверот да се стави во употреба после неколку години за што се потребни и законски измени и не знам што. Зошто се брзало? Кога ќе се создаделе услови нека се набавеле и софтверот и хардверот и нека се стават во функција. Ако седнеле да напишат и да ја образложат потребата од набавката, зошто им треба таа набавка, зошто сега им треба, зошто во тој обем, со тој квалитет, можеби ќе им станело јасно дека набавката не е потребна сега, туку дека треба да се почека кога ќе се создадат услови за цел систем за заедно да профункционираат“,
вели Филков.
Компанијата што го изработила софтверот, формирана во јуни 2017 година, две недели по доаѓањето на СДСМ на власт, тврди дека тој нема да застари и дека може да се користи за какви било камери.
„Софтверот не фаворизира никакви камери, напротив, наменет е за секаков бренд и секаков вид камери кои се наменети за оваа намена. Тестиран е на автопатот Миладиновци-Штип и на улицата ‘Партизанска’. Тој е предаден заедно со изворниот код, така што и кога би имало каква било потреба за надградба, тоа може да го направи кој било ентитет“,
велат од фирмата „Инвока гроуп“.
Три добиени тендери – сите три со Генералниот секретаријат
Што се однесува до „Инвока гроуп“, паѓа во очи тоа што сите три јавни набавки што ги добила оваа фирма се склучени со Генералниот секретаријат додека со него раководеше Драги Рашковски. Во конкретниот случај, Владата и платил на фирмата за завршената услуга на 9 јули лани, шест дена пред парламентарните избори.
Од компанијата тврдат дека се јавуваат и на други тендери, а Рашковски отфрла какви било релации.
„Апсолутно беше отворен процесот за сите компании кои сакаат да аплицираат. Така што, ќе ве замолам, без тендециозни наметнувања, затоа што не е коректно да кажете дека некој во период кога било се компетитивно, кога имало три компании, да кажете дека се поврзуваат со мене. Според мене, тоа е само наведување за нешто што апсолутно не е така во реалноста“,
вели Рашковски.
И покрај тоа што софтверот не е во функција и по осум месеци од датумот кога требало да биде испорачан, Рашковски е уверен дека набавката е оправдана. За Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации конкретната набавка е уште една во множеството „купено – неупотребено“.
„Ова е специфична набавка, не е како другите, бидејќи таа е самостојна набавка, меѓутоа нејзината функционалност зависи од друга набавка. И оттука навистина не е јасно како ќе се почитуваат тие рокови за гаранција, за одржување итн., кога софтверот фактички не работи, не е функционален во таа смила за којашто е наменет. И ова е проблем стар во јавните набавки, неколкупати во ревизорските извештаи имало укажувања од Државниот завод за ревизија за купена опрема нефункционална, се чува, не се става во употреба, и поминува гарантниот рок, и поминува рокот за одржување којшто е платен во тендерот и на тој начин нерационално се трошат јавните пари, односно има загуби во јавни пари“,
потенцира Филков.
Спротивставените ставови на МВР и на поранешниот генерален секретар Рашковски не ветуваат дека 81 000 евра вредниот софтвер ќе биде ставен во функција. Дури и да станува збор за лоша координација, очигледно никој нема намера да признае грешка.