Прашан зошто Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) не интервенирал бидејќи на објектот му е истечена лиценцата, независно дали нелегална односно фалсификувана, и дали ќе го разреши директорот на Инспекторатот, Мицкоски рече дека ДПИ по ниту еден закон и одредба нема обврска секој ден во текот на годината да врши инспекциски контроли во угостителските објекти
Дискотеката во која ноќеска во пожар загинаа 59 лица, а повеќе од 150 се повредени, работела со нелегална лиценца. Овој податок денеска го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а вечерва на прес-конференција го повтори премиерот Христијан Мицкоски, кој лиценцата ја нарече фалсификувана.
Повеќе детали за неа, тој кажа одговарајќи на прашања на „360 степени“, и под, како што рече, сиот ризик со тоа да влијае на истрагата.
Во таа насока, кажа дека станува збор за (фалсификувана) лиценца за кабаре, а не за дискотека.
Ова го одговара прашањето зошто објектот работел и по 1 часот по полноќ, до кога според Законот за угостителска дејност можат да работат дискотеките, односно концертот во него бил активен и по 2 часот кога, според она што е познато досега, настанал кобниот пожар.
Мицкоски, во одговорот на прашањата, соопшти дека лиценцата била издадена на 13 март 2024 година, потпишана од тогашниот државен секретар во Министерството за економија и дека имала важност една година, односно истекувала на 13 март оваа година, два дена пред да се случи трагичниот настан.
Прашан зошто Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) не интервенирал, со оглед на тоа што била истечена лиценцата и дали ќе го разреши директорот на ДПИ, Мицкоски рече дека воопшто немало лиценца бидејќи станува збор за фалсификуван документ, а потоа одговарајќи на дополнителни прашања рече дека Државниот пазарен инспекторат по ниту еден закон и одредба нема обврска секој ден во текот на годината да врши инспекциски контроли во угостителските објекти.

Во продолжение, ви ги пренесуваме прашањата на „360 степени“ и одговорите на премиерот Христијан Мицкоски, на неговата прес-конференција вечерва.
„360 степени“: Со сите огради дека во моментов трае предистрагата, дали можете да ни кажете повеќе информации за тоа за каква форма на лиценца станува збор. Вие споменавте фалсификувана, министерот за внатрешни работи кажа нелегална лиценца, па ако може некои информации повеќе да ни кажете?
Мицкоски: Со сиот ризик дека можам да влијаам на истрагата, еве вака изгледа таа лиценца издадена на 13 март 2024 година, потпишана од тогашниот државен секретар (во Министерството за економија), но истата лиценца изгледа и вака, со таа разлика што последните два броја кои во првиот случај се 51, во вториот се 15, под истиот архивски број, а замислете таму е заведен документ дека е комуникација со странски инвеститор, а сопственикот на локалот ги има овие документи.
„360 степени“: Моето прашање е во насока на тоа дали се работи за лиценца за кабаре?
Мицкоски: За кабаре.
„360 степени: И дали, независно од тоа што била нелегална, нејзината важност и во нелегална форма е истечена два дена пред да се случи пожарот во дискотеката. Тоа значи дека вчера веќе била истечена?
Мицкоски: Зависи кога влегува во сила, но архивскиот број е од 13.3.2024 година, што значи дека на 13 односно на 14.3.2025 година таа била истечена.
„360 степени“: Тогаш дали ќе го разрешите директорот на Државниот пазарен инспекторат кој требало да го поверува сето ова за што претходно ве прашувам?
Мицкоски: По која логика да го разрешиме директорот на Државниот, причитајте убаво, по која логика, по кој член од законот има тој одговорност. Тие што ви пишуваат, прочитајте што ви пишуваат, по кој член од законот.
„360 степени“: Ги читам надлежностите, а претходно од страна на владин претставник беше соопштено дека почнува поширока акција во која Државниот пазарен инспекторат ќе ги поверува сите лиценци на ноќните локали, па дали по таа логика би требало некој овие два дена да проверел дали е истечена лиценцата на оваа дискотека и дали некој за тоа ќе понесе одговорност?
Мицкоски: Прво, овој документ е фалсификат, лиценца нема. Правен документ објектот нема од пред повеќе од една година, овој документ е фалсификат. Дали Пазарниот инспекторат требало вчера да излезе токму во оваа дискотека, тоа не го пишува никаде во законот, ниту пак во надлежностите на Државниот пазарен инспекторат. Последен пат таму државен пазарен инспектор се појавил во 2022 година. Зошто тогаш не констатирал пропусти и недостатоци за коишто денес јавноста виде дека постои и во самата градба и во самата архитектура на објектот, тоа е веќе друго прашање и за тоа ќе следи дополнителна одговорност и истрага.
„360 степени“: За овие два дена, каде што нема контрола, нема да побарате одговорност? Тоа можам да го заклучам?
Мицкоски: Државниот пазарен инспекторат не е надлежен секој ден, 365 дена од годината, не постои таков документ, не постои таква одредба, ниту во било кој закон дека тој мора секој ден, 365 дена да ги контролира објектите. Тие се контролираат по пријава и никаде не го пишува тоа.