Кон местото каде што е пронајден исчезнатиот пожарникар, со кого е полициски специјалец, се упатиле и други негови колеги и ловџии, а Ангелов вели дека се очекува за брзо време тој да биде извлечен

Гасењето на пожарот во штипското село Селце денеска, се претворило во спасувачка акција откако исчезнал еден од пожарникарите што учествувале во интервенцијата, па биле повикани специјални полициски сили за да помогнат во пронаоѓањето и во извлекувањето. Припадникот на противпожарната единица е пронајден жив, а трае операцијата за да се извлече на безбедно.
За случката информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој рече дека пожарникарите веднаш штом забележале дека недостасува еден нивни колега, пријавиле во полицијата, а оттаму ја известиле и неговата институција.
„ЦУК веднаш побара дополнителни сили на терен и од страна на командирот на полициската станица во Штип беа испратени два тима од посебна единица кои почнаа со потрага. Истовремено почна да се подготвува еден полициски хеликоптер, а и одреден број ловџии се вклучија во потрагата по исчезнатиот пожарникар“,
вели Ангелов.
Неколку часа подоцна, како што вели Ангелов, полицискиот хеликоптер забележал лице кое седи на земја, живо, но не во најдобра здравствена состојба.
„Откако од останатите пожарникари беше препознаено дека тоа лице е исчезнатиот пожарникар, хеликоптерската едицица се вклучи во извлекувањето. Еден од специјалците беше спуштен до пожарникарот, но поради силниот ветер тој не можеше да биде закачен и извлечен со сајла. Специјалецот остана со него, а хеликоптерот се повлече“,
додаде Ангелов.
Кон местото каде е пронајден исчезнатиот пожарникар се упатиле и други негови колеги и ловџии, а Ангелов вели дека се очекува за брзо време тој да биде извлечен.
Случајот денеска го потврдија и од МВР од каде велат дека хеликоптер „бел 412“се вклучил во потрага по исчезнат пожарникар.
„Денеска (08.10.2023) околу 12:30 часот, по добиено известување од Центарот за управување со кризи дека е исчезнат пожарникар ангажиран во гасење на пожар во село Селце, општина Штип, хеликоптер ‘бел 412“ се вклучи во потрага. Во 13:30 часот лицето е лоцирано на непристапен терен, по што е изведена крајно сложена акција, при што е спуштена алпинистичка екипа на САЕ Тигар со витло и лицето е безбедно пренесено на безбедна локација“,
се вели во соопштението од МВР.