Нема извештаи за повредени или загинати лица. На терен се 62 пожарникари со 17 возила, како и припадници на полициската управа од Белград, вели началникот на Секторот за вонредни состојби Лука Чаушиќ

Во Кинескиот трговски центар во Нов Белград, кој се наоѓа во блок 70 на улицата „Јуриј Гагарин“, утрово околу 7 часот избувнал голем пожар, пренесуваат српските медиуми.
Во гаснењето на пожарот вклучени се 17 противпожарни возила и 62 пожарникари, како и еден хеликоптер.
Според информациите што ги пренесуваат српските медиуми, во пожарот нема повредени лица или загинати лица.
Од видеата, кои се шират на социјалните мрежи, може да се види дека од центарот се издигнува густ чад.
Голем дел од овој трговски центар беше уништен во пожар и во 2021 година.
Од српското Министерство за внатрешни работи информираат дека пожарот бил пријавен во 6:57 часот, а борбата со огнената стихија сè уште трае. На почетокот за гаснење на пожарот биле испратени 46 пожарникари-спасувачи со 13 возила, но потоа пристигнало засилување, а според последните информации пристигнала уште една група пожарникари и сега во гаснењето на пожарот се вклучени 62 пожарникари.
Началникот на Секторот за вонредни состојби Лука Чаушиќ вели дека акцијата е многу сложена и дека се слушнале и неколку детонации.
„Ваквите предмети се полни со запалив материјал. Имаме искуство со гаснење пред нешто повеќе од две години, кога успеавме да спасиме дури 200 простории од 360, меѓутоа, овде пожарот избувна многу брзо, утрово во 6:57 дојде дојава, за само 2-3 минути нашите единици пристигнаа, за пет минути почнаа да го гаснат пожарот, но тој веќе беше во фаза на разгорување“,
вели Чаушиќ, пренесува Н1.
Тој посочува дека се обидуваат да го запрат пожарот и да спасат дел од зградите.
„По налог на министерот бил ангажиран и хеликоптер. Немаме извештаи за повредени или загинати лица. На терен се 62 пожарникари со 17 возила, како и припадници на полициската управа од Белград“,
вели Чаушиќ.
Тој додава дека во континуитет пристигнуваат нови припадници на противпожарно-спасувачките единици.
„Ова ќе продолжи, најважно е да нема повредени и да се трудиме да зачуваме барем дел од овие згради“,
вели тој.