Како што објави ЦУК на „Фејсбук“, пожарот на територијата на општина Чешиново-Облешево и Пробиштипско е целосно изгаснат
Петмина пожарникари од Територијалната противпожарна единица Кочани се извлечени со хеликоптер на МВР на сигурно откако биле опколени од оган и чад додека го гаселе пожарот на територија на општината Чешиново-Облешево, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Со истиот хеликоптер од типот Ми-171 транспортирани се 11-мина пожарникари до највисоката точка на пожарот во обид за негово пресекување.
Хеликоптерот на МВР бил активиран на барање на Центарот за управување со кризи за да помогне во гасењето на пожарот на територијата помеѓу Кочани и Пробиштип, кој притоа исфрлил 60 тони води.
„Особено се делуваше во крак од пожарот кој се наближуваше кон село Врбица и пожарот на тој потег е ставен под контрола“,
соопштија од МВР.
Хеликоптерот потоа е повлечен од оваа локација и е упатен да асистира во ставањето под контрола на пожарот кај скопско Ајватовци.
Како што објави ЦУК на „Фејсбук“, пожарот во Чешиново-Облешево и Пробиштипско е целосно изгаснат, со помош и на дожд.