Пожарот зафати сува трева и грмушки, а силниот ветер дополнително придонесува за негово брзо ширење на тешко пристапен терен. Во огнената стихија, како што соопштија од ЦУК, се зафатени и неколку викендички
Ангелов рече дека пожарот е ставен под контрола и изгаснат, но постои опасност за негово реактивирање, додавајќи дека на терен ќе останат дежурни екипи да не дојде до ново палење
Во попладневните часови денеска повторно избувна пожар на отворено во близина на локацијата Кадидере кај Штип, на истото подрачје каде што во текот на ноќта беше локализиран и изгаснат претходен пожар, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите од ЦУК, по пријавата на бројот 112, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Штип првично интервенираше со тројца пожарникари и едно противпожарно возило. Поради брзото ширење на огнот и влошувањето на состојбата на терен, во 15:20 часот се ангажирани вкупно 20 пожарникари и четири противпожарни возила.
Во акцијата за гаснење се вклучи и Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Штип со четири возила и 12 членови.
Пожарот зафати сува трева и грмушки, а силниот ветер дополнително придонесува за негово брзо ширење на тешко пристапен терен. Во огнената стихија, како што соопштија од ЦУК, се зафатени и неколку викендички.
Оттаму велат дека пожарот продолжува да добива на интензитет, а сите расположливи локални сили се ангажирани во напорите за негово ставање под контрола.
Поради сериозноста на ситуацијата, покрај екипите на ТППЕ и ДПД Штип, на помош се повикани и противпожарни тимови од околните територијални единици во регионот.

Активиран е и авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), додека преку единиците на локалната самоуправа е побарана дополнителна поддршка од соседните општини.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, вели дека пожарот што избувна вчера е различен од тој што денеска се појави во негова непосредна близина, а сведок за тоа, како што додаде, е и повредениот сопственик на викендичка.
„Пожарот избил во непосредна близина на неговата викендица и нагло се проширил со силен оган. Теренот е стрмен и има сува и висока трева и го отежнува движењето. Досега пожарот беше релативно добро контролиран и изгаснат. Штипскиот градоначалник итно побара од мене да се вклучат летала на ДЗС. Еден ‘ертрактор’ веднаш полета, но пожарникарите што од земја го гаснеа се клучниот момент да се изгасне пожарот“,
вели Ангелов.
Посочи дека ДЗС има три оперативни ‘ертрактори’ и четири пилоти, и е подготвена за претстојната сезона на пожари.
Постои опасност, како што додаде, за реактивирање на пожарот, но на терен ќе останат дежурни екипи да не дојде до ново палење.
„Сува и висока трева и ветер се рецепт за брзо ширење на пожарите“,
рече тој.
Апелираше до жителите што имаат викендички во овие подрачја да ги исчистат дворовите од вегетација, да остават неколку метри чист земјен појас, за огнот да не стигне до објектите.
