„Еј! Не можам да дишам!“ – се слуша на видеото во моментот кога Салиу е соборен наземи од страна на специјален полициски службеник, додека неколку други специјалци се околу него. Видеоснимката на која одблизу се гледа моментот пред приведувањето на новинарот Фуркан Салиу е направена од возачкото седиште на автомобилот паркиран во близина
Порталот „Икс“, чиј главен уредник е новинарот Фуркан Салиу, а кој деновиве е актуелен во јавноста поради неговото приведување во неделата попладне за време на фудбалски натпревар во скопско Средно Коњари, синоќа објави видеоснимка од моментот на неговото апсење.

На видеото се слуша: „Еј! Не можам да дишам!“, во моментот кога Салиу е соборен наземи од страна на специјален полициски службеник, додека неколку други специјалци се околу него.
Видеоснимката на која одблизу се гледа моментот пред приведувањето на новинарот Фуркан Салиу е направена од прозорецот од возачкото седиште на автомобилот паркиран во непосредна близина. Се претпоставува дека, како што и претходно изјави самиот Салиу, настанот го документирал еден од снимателите на порталот „Икс“.
Во еден момент до автомобилот се приближува специјален полициски службеник и вели:
„Не снимај бе ти“,
се слуша на видеснимката, по што за кусо видеото се прекинува.
Во продолжение на видеото од друг агол се гледа моментот кога полицискиот службеник се приближува до возилото. Снимен е и моментот кога Салиу, со рацете зад грб и во полуисправена положба на телото, од страна на специјалец е одведен до полициско возило во близина.
Откако беше пуштен од полициска станица во неделата вечер, Салиу во изјава за медиумите кажа дека од страна на полициските службеници постоел обид за бришење на видеоснимките од, како што вели, насилството кое се вршело низ него, а за кое од своите сниматели побарал да биде документирано.
„Претресувањето на возилото би требало да биде во мое присуство. Јас знам дека тоа е направено во обид да се избришат снимките од телефоните на моите сниматели, од кои побарав да се снима насилството врз мене. Ме информираа дека некои снимки се избришани, ама се надевам дека ќе ги вратиме и целата вистина ќе излезе на виделина“,
изјави Салиу во неделата вечер откако беше пуштен од полициска станица.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера, по работната посета на полициската станица во Шуто Оризари, изјави дека е факт оти фудбалскиот натпревар во Средно Коњари бил од висок ризик и поради тоа имало припадници на интервентната полиција и на ЕБР, факт е дека приведените лица имале физички контакт со полицајците и дека кај приведениот новинар Фуркан Салиу е пронајдено оружје во возилото.
Исто така, додаде тој, факт е дека во возило во сопственост на еден од приведените е пронајдено огнено оружје – пиштол при преглед од страна на овластените службени лица, кој е со дозвола во однос на имателот, но таа дозвола во никој случај не може да амнестира прекршочно дело.
„Во овој дел таквото оружје во никој случај не може да биде во возило во рамки на селото Средно Коњаре. Точно се знае каде се носи оружје, како се транспортира од точка А до точка Б, дали се носи со полн или празен шаржер. Констатиран е прекршок во однос на начинот на поседување. Легалитетот на самото поседување е неспорен, спорен е начинот на користење. Ова не е начин на чување оружје“,
истакна министерот за внатрешни работи.
На настанот на кој Тошковски даваше изјави беше присутен и новинарот Фуркан Салиу, кој го праша дали тој нападнал или спречил полицаец во вршење службено дејство.
Како што објасни министерот, според службените белешки доставени од полицајците, а во кои тој имал увид, и согласно информациите од полицајците кои биле нападнати, Салиу нападнал службено лице. Според снимката што тој лично ја видел, Салиу спречил овластено службено лице во преземање одредени дејствија.
„Не е важно што јас сум видел, јас не поднесувам кривична пријава ниту судам. Никој нема право да злоупотребува никаква позиција во ова општество, без разлика дали е новинар, доктор, адвокат или министер. Никој нема право да нападне службено лице и никој нема право да нападне новинар. И законот треба да важи за сите“,
нагласи Тошковски.
Салиу за денеска најави дека преку адвокат ќе поднесе приговор до Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) за постапувањето на полицијата, особено во делот на претрес на неговото приватно возило, без негово присуство и без судски налог.
„Како знаеле дека тоа возило е мое? Веројатно имале информации дека поседувам пиштол и дека речиси секој викенд одам на стрелиште. Докази за тоа можат да најдат во стрелиштето, каде се запишува секој кој таму оди, односно пред да пукаш се запишуваш. Тоа го искористија за да ми вратат за прилозите кои ги објавив на порталот ‘Икс’ деновиве“,
изјави Салиу.