Во БиХ во Сански Мост се излеаја две реки – Блиха и Здена – по што беа поплавени многубројни населени места, како и главната улица во градот, каде што водата навлегуваше во деловните објекти
Во Хрватска, пак, оперативните сили за одбрана од поплави на подрачјето на Карловац се во готовс, со оглед на тоа што обилните дождови предизвикаа покачување на водостојот на Купа и Корана, а поплавени и затворени се неколку патишта во приградските населби
Обилните врнежи им создаваат проблеми на граѓаните на северот на Босна и Херцеговина, а особено тешка е состојбата во Сански Мост, Приједор, Козарска Дубица и Нови Град, објави Ал џезира.
Во Сански Мост се излеаја две реки – Блиха и Здена – по што поплавени се многубројни населени места, како и главната улица во градот, каде што водата навлегла во деловните објекти, пишуваат локалните медиуми.
Во текот на ноќта беше прогласена природна катастрофа и се огласија сирените за тревога откако нивото на водата на реката Сана достигна критична точка од 347 сантиметри.
Снимките од социјалните мрежи од синоќа покажуваат целосно потопени градски улици и населби.
Како што наведуваат медиумите, утрово водата се повлекла, иако мештаните сè уште стравуваат од нови врнежи.
За екстремно високиот водостој на реките сведочат и снимките од Бихаќ и неговата околина.
Агенцијата за водно подрачје на реката Сава утринава соопшти дека во моментов се бележи вонредна хидролошка состојба на подрачјето на сливовите на реките Уна и Сана, пренесува Фена.
Во сливното подрачје на реките Уна и Сана на сите хидролошки станици е забележан пораст на водостоите. Нивото на тревога е достигнато на сите станици во сливот на реките Уна и Сана.
Поради престанок на врнежите, во текот на денот се очекува стагнација и пад на водостоите на сите водомерни станици. Вонредната хидролошка состојба се очекува да заврши утре.
Во Приједор оштетени се голем број згради, патишта и мостови поради обилните врнежи и огромно количество вода што не можеа да ја примат колекторите и канализациските мрежи, ја пренесе порталот Радио Сараево изјавата на градоначалникот Слободан Јавор.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, објави дека испратил барање за ангажирање на сите ресурси за да им помогне на граѓаните и да го заштити нивниот имот.
Во Хрватска, пак, оперативните сили за одбрана од поплави на подрачјето на Карловац се во готовс, со оглед на тоа што обилните дождови предизвикаа покачување на водостојот на Купа и Корана, а поплавени и затворени се неколку патишта во приградските населби, соопшти Штабот за цивилна заштита.
Поради обилните врнежи во сабота навечер, воведена е вонредна состојба за заштита од поплави на реката Суња (кај градот Суња) и вонредни мерки на реката Уна (Двор, Хрватска Костајница), соопштија од Дирекцијата за цивилна заштита на МУП, пренесува Хина.
ХАК во саботата вечерта соопшти и дека снег паѓа во Горски Котар, Лика, северозападна и централна Хрватска, а во поголемиот дел од земјата коловозите се влажни и лизгави.