Сите патници кои попладнето слетаа на скопскиот аеродром од Тревизо, Италија ги поминаа проверките од епидемиолозите од Институот за јавно здравје. Термалните камери не покажале потреба ниту еден од патниците да биде задржан и изолиран во посебна просторија на аеродормот.
Дел од патниците пред камерата на „360 степени“ велат дека не добиле препораки како да постапат ако имаат симптоми на вирусот, додека некои велат дека добиле летоци пред пасошката контрола.

Патниците сведочат дека во градови во северна Италија владее паника меѓу населението, но во местата кои не се во жариштето на епидемијата, состојбата е посмирена.

„Немаше никаков проблем, ние поминавме лесно, инаку доаѓаме од Венеција. Има малку страв меѓу лушето, неколку носат маски како нас, ама не е толку страшно. 90% од луѓето си шетат и си вршат работа“
вели еден од патниците.

„Јас бев 200 километри од Милано, не бев каде што е опасноста. Тоа се знаеше и пред да одам, бидејќи отидов пред четири дена, таму веќе имаше малку паника, се уште не се знаеше дали ќе се откаже турнирот или не. И се знаееше дека треба да мијам раце почесто, да не си го допирам лицето, да носам маска иако не е толку препорачлива, бидејќи има други штетни фактори“
вели друг патник од летот Тревизо-Скопје.

Доцна попладнево и официјално беше потврден првиот случај на заразен од коронавирус во земјава. Станува збор за 50-годишна жена која утринава околу 3 часот била хоспитализирана на Инфективната клиника. Според информациите од здравствените власти, жената била во Италија повеќе од еден месец во посета на роднини. Две недели веќе била болна и се лекувала во тамошните болници каде не била тестирана за корона. Пристигнала во земјава со комбе преку граничниот премин Табановце, а здравствените власти ги испитуваат и патниците кои биле со неа.
Апелот од надлежните институции е да не се прави паника кај граѓаните и да се применуваат превентивните мерки.