Додека премиерот Зоран Заев во седиштето на Европската комисија ги образложуваше аргументите зошто Северна Македонија треба да ја ефектуира ланската одлука за старт на пристапните преговори, во зградата отспротива, шефовите на дипломатиите на земјите членки го отворија ова прашање. Дел од нив настапија со јасни позиции – Скопје мора да ги почне преговорите зашто во прашање е кредибилитетот на самата Европска Унија. Прва беше шведската министерка.
„Има единствено и широко инволвирање на ЕУ на Западниот Балкан, но мора да ги следиме нашите обврски – мора веднаш да почнеме преговори со Северна Македонија зашто ние самите така решивме и тоа е важно за кредибилноста на ЕУ“,
кажа министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.
Од земјите од регионот, најгласен беше шефот на хрватската дипломатија.
„Нашите партнери треба да испорачаат во делот на демократската трансформација, човекови права и владеење на правото. Тоа е клучно за нивниот европски пат и ние, секако, треба да им помогнеме, но и ние треба го испорачаме нашиот дел. Тоа значи почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија…“,
рече министерот за надворешни работу на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
Јавните изјави за поддршка на македонското досие не дојдоа од очекуваните Германија или земјата претседавач Португалија, туку од скандинавските, балтичките и централноевропските држави членки.
„Политиката на проширување на ЕУ беше една од најуспешните, Естонија самата профитираше од неа и се надеваме дека ЕУ ќе ја продолжи својата успешна политика на проширување и дека ќе закаже меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија што е можно побрзо“,
порача министерката за надворешни работи на Естонија, Ева Марија Лиметс.
„Финска смета дека е многу важно да се држи отворена перспективата за членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан и ние сме за тоа да се држи активен процесот со Северна Македонија и Албанија“,
кажа Нана Сумувоури, државна секретарка во МНР на Финска.
„Сакам да кажам дека мора да посветиме стратешко внимание на овој регион (Западен Балкан). За жал, во изминатите 10 години во нашиот однос речиси целосно се фокусиравме на проширувањето, што е совршено зашто проширувањето е најтрансформативниот инструмент што го имаме, но тоа не доволно. Не може нашиот однос да го трансформираме во технички процес во проширувањето. Не смееме да ги изгубиме срцата на граѓаните на Западен Балкан кои очигледно својата иднина ја гледаат во ЕУ“,
рече Иван Корчов, министер за надворешни работи на Словачка.
По завршувањето на Советот за надворешни работи, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, ја сумираше дебатата на министрите, опишувајќи ја како интензивна.
„Треба да напредуваме во пристапниот процес на Албанија и Северна Македонија. Патем, никогаш немаше каква било намера за одвојување на овие две земји во пристапниот процес. Имавме разговор за ситуацијата (меѓу Северна Македонија и Бугарија), ја слушнавме бугарската министерка и ги охрабривме двете земји и Бугарија и Северна Македонија итно да најдат заеднички прифатливо решение за нерешените билатерални прашања. Северна Македонија ги исполни условите и земјите членки веќе решија да се отворат пристапни преговори со Северна Македонија. Се надевам дека првата Меѓувладина конференција ќе се одржи наскоро откако Советот ќе ја усвои преговарачката рамка. Министрите за надворешни работи на земјите членки денеска се обврзаа дека силно ќе туркаат за што е можно побрзо да се одржи оваа прва Меѓувладина конференција“,
порача Борел.
Наспроти анализите дека политичката криза во Бугарија оневозможува пробив на краток рок, во соопштението од денешната средба на премиерот Заев со еврокомесарот Вархеи пишува:
„Техничката Влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекуваме другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение, нагласи на средбата премиерот Заев. ’Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна’, потенцираше на средбата претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев.“
Дека зад сцена има обиди за изнаоѓање формула што би овозможила деблокада уште во јуни, може да се препознае и во денешното кусо интервју на премиерот Заев за МИА.
„За кратко и долго име апсолутно немаме резерва дека и краткото име Северна Македонија се однесува на територијата на Република Северна Македонија. Немаме претензии кон нив, нема претензии за мешање во внатрешни работи, вклучително и малцинските права, но веруваме дека заслуживме да се вклучат сите, посебно претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, во решавањето на ова прашање, час поскоро, затоа што ова е драгоцен момент, затоа што со ваков момент штедиме најмалку една и пол година, следната прилика е веројатно 2022 година“,
кажа Заев во интервју за МИА.
Заев идната недела ќе се врати во Брисел. Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, ги собира на иста маса лидерите на Западен Балкан.