Пред неколку недели покажавме како за Пошта веќе е предизвик навреме да достави писмо или пакет до домашна адреса. Следеше наплив од коментари од наши гледачи и читатели што нè доведе до сознание дека има места во земјава каде пошта воопшто и не стига. Истражувавме кои се можните решенија за проблемот кој е сè потешко да се игнорира
Пошта на Северна Македонија е долгогодишен загубар. Само лани беше во минус три милиони евра. Има 2 192 вработени кои добиваат ниски и нередовни плати. Од државната фирма не се задоволни ниту вработените ниту муштериите
Минатиот месец ги тестиравме услугите на Пошта на Северна Македонија. Некои од писмата што ги пративме стигнаа за ден-два, но некои ги чекавме и две недели. Најзагрижувачко беше сознанието дека во 21 век пакет стигнува до дома по исклучок наместо по правило.
360°: А, да ве прашам, зошто до канцеларија не ни го донесовте?
„Еј, не носат нешто шоферите, не знам што е проблемот“,
вели вработен во „Пошта 2“.
Стотици граѓани се препознаа и ни испратија поплаки за услугите на Пошта.
„Решение од ПИОМ пратено во мај лани сè уште не е донесено на адреса.“
„Ние поштар со месеци не сме виделе, а не писма и пратки да ни пристигаат.“
„Од Кина до Скопје 20 дена и од Скопје до Битола 25. Тоа не мора да го тестирате, сите го знаеме“,
се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Нашата сторија ја искористи и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи како аргумент за промена на бизнис-моделот на Пошта.
„Дури имаше еден прилог убав, ден пред да почне предупредувачкиот протест и можат граѓаните да го најдат на интернет. Кога вие ќе добиете во Град Скопје писмо во ‘Пошта 2’ или пратка после шест до седум дена, тоа ти укажува колку е ефикасно и затоа луѓето не се склони да ја користат таа услуга кога има подобри и поефикасни начини на дистрибуција“,
рече Фатмир Битиќи – вицепремиер за економски прашања.
Има ли и кој е планот за Пошта на Северна Македонија?
БУЛАЧАНИ ИМА, НО КАКО ДА НЕМА ПОШТАР
Булачани, населено место на падините на Скопска Црна Гора во руралниот дел на Општина Гази Баба, на 15 километри од центарот на главниот град.
Речиси секоја куќа има истакнато поштенско сандаче, но како што сведочат жителите, тие често остануваат празни. Најмногу се жалат на ненавремена достава на сметки.

„Не доаѓа на време. Многу доцни. Треба до дваесетти да дојде, а таа доаѓа после први и ние ќе задоцниме со плаќање и камати“,
вели Зора Тодоровска – жителка на село Булачани.
„Два пати ми е исклучена струјата поради платени сметки што ми доцнат, а тие веднаш ме исклучуваат“,
вели Роберт Павлов – жител на село Булачани.
Состојбата со доставата на пошта во Булачани е незадоволителна и покрај тоа што реонот има поштар – жител на селото кој не успеавме да го запознаеме. Соселаните, сепак, имаат разбирање за него.
„Поштарот ни е многу паметен, да ви кажам, ама не знам што е работата со него. Мислам дека, слушнав дека не е пријавен и затоа не сака да… Тој доста нè служи ама не доволно“,
додава Тодоровска.
„Ние изгледа немаме поштар во селото. Има еден дечко што тоа носи, ама човекот ниту е вработен, ниту е осигуран таму“,
додава Павлов.



Можеби поштарот не го гледаат често, барем не како разнесува пошта, но затоа велат дека приватните пошти им вршат добра работа. Забележливи беа по улиците низ Булачани и дента кога снимавме.
„Таа што е приватно брзо доаѓа и си ги носи каде што е адресата“,
раскажува Тодоровска.
Сепак, жителите бараат и државната Пошта да си ја врши својата работа.
„Едноставно, да носат сметки редовно како што треба, месец за месец, да не се заостанува со неколку месеци па да не можеш на крај да излезеш да не знаеш која попрво да ја фатиш, дали од почеток или од крај“,
вели Божидар Трајковски – жител на село Булачани.
ПОШТА СО ПРОБЛЕМИ ПРИ ДОСТАВАТА И ВО КОМШИИ
За да се увериме дека Пошта, најблаго кажано, има проблем со доставата на пратките не мораше да одиме до Булачани, доволна ќе беше посетата на соседството на „Пошта 2“ – една од најголемите урбани скопски општини – Аеродром. Бојан Тренчевски има мала фирма и големи проблеми со поштенската (не)услужливост.
„Пратката стои пет до седум дена необработена, па потоа пишува дека е доставена, што не е точно, или пишува дека е пробано да се достави, па не ме нашле. Добиваат во време. Треба, најверојатно, подобра контрола на тоа што го работат поштарите“,
смета Тренчевски.
Тренчевски ни раскажа повеќе случаи во кои трпел неговиот бизнис. На пример, очекувал пратка со документи од Општина Аеродром, но поминале речиси два месеци, а не добил ниту писмо, ниту известување.

„Отидов во Општина и тие ми извадија таму дека поштарот ја доставил до мене ама јас не сум сакал да ја примам. Сум одбил да ја примам пратката што беше несфатливо зашто јас барав одговор од нив и го очекував одговорот. Зошто јас би одбивал да го примам одговорот од општината? И тука го изгубив времето за жалба“,
раскажува тој.
Реагирал во Пошта и бил изненаден како ја лоцираат одговорноста.
„Се обидов да им го предочам случајов дека имам проблеми. Тие, чудно, му се јавија на поштарот и ми го дадоа на телефон јас да сум се разберел со него на телефон“,
вели Тренчевски.
„АЛИ ЕКСПРЕС“ НЕ ДОАЃАЛ ВО ШЛЕГОВО
За проблеми со поштенските услуги ни пишаа и од кратовско Шлегово. Кристина Иванова вели дека пратките од странство воопшто не ги добиваат.

„Нарачки од ‘Али Експрес’, зашто сопругот се бави со лов, порачуваше и два-три пати му стигнаа пратките, после тоа – ништо. Барање поднесовме за ‘тракинг’ од ‘Али Експрес’. Му вратија дека пратката е пратена, во кој град пристигнала, до Скопје ја има пратката, после Скопје никако ја нема пратката“,
раскажува Кристина Иванова – жителка на село Шлегово.
СИНДИКАТОТ НА МАКЕДОНСКА ПОШТА СЕ ЖАЛИ НА ЛОШИТЕ УСЛОВИ ЗА РАБОТА НА ПОШТАРИТЕ
За обвинувањата дека поштарите не си ја вршат својата работа, од Синдикатот на Пошта велат дека не е секогаш поштарска вина бидејќи условите во кои работат се лоши.

„Немаме доволно мопеди, нема велосипеди, немаме технолошки возила. Гледате и самите дека долги години немаме работна униформа, нашите поштари се непрепознатливи на терен“,
вели Боро Велигденов – претседател на Синдикат на Македонска пошта.
Покрај ова, Велигденов вели дека на местото на пензионираните, се ангажираат договорни поштари.
„Тоа би значело вршител на услуга. За нас тоа не е решение бидејќи ние треба како што ќе имаме заминување во пензија, особено во најсуштинскиот дел од технолошкиот процес, а тоа е доставата и пошторазнесувачите, веднаш да се вработат поштари и да немаме никаков прекин во тековното работење“,
додава Велигденов.
Генералниот директор на Пошта на Северна Македонија, Васко Стефанов, при снимањето на нашата претходната сторија потврди дека Пошта се соочува со проблеми во ресурсите.
360°: Зошто пакетите не ги доставувате до соодветната адреса, туку треба примачот да ги подигне самиот од Пошта?
„Овде од повеќе аспекти не можеме да ја доставиме пратката до конкретната адреса бидејќи во нашите подружници ширум Македонија немаме доволен број возила за да можеме испораката да ја вршиме на домашна адреса.“
360°: Значи имате проблем и во човекови и во технички ресурси?
„Апсолутно. Како секаде така и кај нас“,
одговори Стефанов.
Иако прашавме од Стефанов не добивме поконкретни информации за тоа што се презема за да се подобри состојбата, освен дека треба да се почне со обнова на возниот парк.
Откако проблематичното функционирање на Пошта се актуелизираше со нашата сторија, темата стигна и до седница за пратенички прашања во парламентот.

„Прашувам кога поштата ќе ни биде вратена нам, на граѓаните?“
праша Гордана Силјановска-Дафкова – пратеничка.
„Владиниот тим ќе работи на изнаоѓање системско решение кое ќе треба да обезбеди долгорочна одржливост на ‘Македонски пошти’“,
одговори Димитар Ковачевски – претседател на Влада на РС Македонија.
КОЈ Е ПЛАНОТ?
Владата уште пред две години требаше да започне со реструктуирање на Пошта, но тој процес речиси и да не е започнат. Сега раководството на Пошта добило задача да достави предлог за веќе од јануари следната година да почнат со нов начин на работа.
Беше направена и физибилити студија. Тоа е истата студија за чија нарачка екс-генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, заврши на обвинителна клупа осомничен дека при постапката го оштетил државниот буџет за 1,5 милиони евра.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, судскиот процес ја забавил реорганизацијата во Пошта. Но, и покрај ова, вели дека студијата како документ им е на располагање и таа отвора можности за јавно-приватно партнерство, целосна приватизација на Пошта, но и насоки за внатрешна реорганизација.

„Увидоа дека во нашата Пошта има 246 типови работни места, а според сите нови и модерни начини на функционирање, за една пошта да биде успешна, треба да има 47 типови на работни места“,
вели вицепремиерот Битиќи.
Па така, реструктуирањето почнало од кабинетот на генералниот директор.
„Една категорија што веќе ја направивме – увидовме дека имаше работна позиција советници на генералниот директор, 18 на број. Ги намаливме на два, а сите други беа распределни на работни позиции што одговараат на нивните знаења, вештини и образование“,
вели Битиќи.
Нова систематизација вели дека треба да има и за другите работни позиции. Најголемиот недостиг, од поштари, ќе се надополнува од постојните вработени.
Иако Битиќи вели дека не поддржува приватизација по секоја цена, сепак вели дека сериозно се размислува за таа опција, како и за јавно-приватно партнерство. За тоа веќе има заинтересирани компании, меѓу кои ги посочува Пошта на Словенија, Хрватска пошта и една приватна компанија од Данска.
„Следен чекор е одлуката што сите заедно – луѓето, вработените во Пошта на Северна Македонија, менаџментот и Владата ќе треба да ја донесат дали следната година влегуваме во процес на јавно-приватно партнерство. Мора да има повик и тогаш сите овие контакти и заинтерерирани компании кои впрочем биле во состојба како што е Пошта на Северна Македонија низ годините но покажале дека заради умешноста да се реорганизираат и реструктуираат веќе се меѓу битните актери во поштенскиот сообраќај не само во регионот туку и во светот.“
360°: На кое ниво ви е комуникацијата со овие фирми што ги спомнавте?
„Ние сме комуницирале и како влади со ресорните министри дека имаме заинтересираност, дека сме отворени да дискутираме, понатаму тоа е на ниво на менаџмент на компаниите“,
рече Битиќи.
Веднаш по нашата претходна сторија на темата, Владата ги задолжи сите државни институции да ги користат услугите на Пошта на Северна Македонија. Целта на чекорот е да се подобри тешката економска состојба во државната фирма.
Но, дали тоа ќе помогне за до изборот на соодветен модел за Пошта да престане да важи новото поштарско правило – и да врне и да вее и бура да коси, поштар пошта не ти носи?

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.