Поранешниот претседател на Бугарија, во интервју за емисијата „360 степени“, верува дека по ноемвриските избори, трети оваа година, земјата ќе добие политичка влада. За македонско-бугарските односи Плевнелиев смета дека може да се нормализираат и дека за тоа се потребни конкретни чекори од Скопје, меѓу кои, еднострана изјава до ООН во која ќе се објасни дека Северна Македонија се однесува на територијата на Република Северна Македонија. Екс-претседателот на Бугарија порачува Северна Македонија да не очекува дека само американскиот и европскиот притисок врз Софија ќе дадат резултат
Проследете го целото интервју со поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев:
Како би ја опишале моменталната политичка ситуација во Бугарија и зошто, според вас, досега не се формираше политичка влада?
Ви благодарам за поканата за ова интервју. Бугарија се наоѓа во преоден период меѓу доминацијата на Бојко Борисов, кој победи на сите избори во Бугарија од 2006 година наваму и 15 години доминираше на политичката сцена. По доминацијата на Борисов се бара нова одржлива политичка формула која се уште не е пронајдена. Затоа, трет пат оваа година ќе одиме на избори. Она што можам да го објаснам во една реченица е дека противниците на Борисов се обединија, но тој останува да биде доволно силен и сега повторно е прва политичка сила. Имено, затоа е таа нестабилност – од шест политички партии, пет се против Борисов и пак тоа не е доволно за да направат одржлива влада. Но, сигурни сме дека за само неколку недели ќе имаме влада и претседател во Бугарија.
Според вас, какви се изгледите дека нови парламентарни избори ќе донесат решение на актуелната криза?
Дефинитивно, можам да Ве уверам, нашите пријатели во Скопје, дека по идните ноемвриски парламентарни и претседателски избори, Бугарија ќе има нов претседател, премиер и нов парламент. Нема шанси таа нестабилност да продолжи зашто и граѓаните се уморни од избори во недоглед. Оттука, по изборите во ноември, ќе има и влада и премиер и претседател.
Г-дине Плевнелиев, вие сте со бекграунд од ГЕРБ и пред извесно време изјавивте дека оваа партија не може толку лесно да биде оттргната од политичките процеси во земјата. Дали, според вас, ГЕРБ може да се надева на игра за формирање влада по следните избори или, сепак, мнозинството треба да се бара во договор меѓу т.н. протестни партии?
Од 2006 година досега, веќе 15 години, ГЕРБ е водечката политичка сила во Бугарија, вклучувајќи ги и последните избори кои се спроведоа во 2021 г., ГЕРБ продолжува да биде прва политичка сила и покрај сериозните удари. Останатите партии се обединија околу тоа целосно да го елимираат ГЕРБ и од политичкиот живот и од власта, но нема како тоа да се оствари и покрај обединувањето на сите против ГЕРБ. Затоа, има две опции за во иднина – ГЕРБ ги има своите партнери, својата сила и можно е да формира коалициска влада, се разбира, откако ќе се види гласот на народот. Исто така, можно е ГЕРБ и да не учествува во идната влада, која кон крајот на ноември би ја формирале политичките опоненти на Бојко Борисов. Но, повеќе од јасно е дека Бугарите се изморија од избори и дека влада ќе има.
Актуелниот претседател Румен Радев од Блед изјави дека притисокот врз Бугарија на тема Северна Македонија расте и допрва ќе расте. Тој дури ги повика релевантните партии во Бугарија да го имаат ова предвид. Гледате ли можност за деблокада на евроинтеграциите на Северна Македонија во следните месеци и под какви околности би било тоа?
Знаете, што и да зборуваат политичките лидери, има нешто надвор од политичкото зборување и тоа се реалните резултати, реформи кои граѓаните можат да ги видат и разберат. Многу е важно нашите пријатели во Република Северна Македонија и нашите браќа да разберат – да, ние сме како браќа и како браќа се сме се скарале во моментот. Понекогаш таква караница меѓу браќа, се чини, најтешка за решавање и таа ќе се реши, не со притисок од надвор, туку ќе се реши меѓу нас – кога ќе седнеме и чесно ќе постигнеме резултати, така што, двете страни ќе се убедат дека прашањата се решаваат. САД ќе продолжат со притисокот врз Бугарија зашто во Скопје веруваат дека САД се стратешки партнер. Но, САД се стратешки партнер и на Бугарија и не заборавајте дека Бугарија за милијарда долари купува американски авиони, Бугарија направи гасоводи за милијарди за американскиот гас да може да стигне до Европа. Така што, само со притисок од САД или од ЕУ, каде – да, Република Северна Македонија наидува на разбирање, а од каде Бугарија добива јасни сигнали дека треба да се постигне решение, но Бугарија е членка на ЕУ. Решението е многу елементарно, почитувани пријатели и сакам раководството, лидерите во Скопје да разберат – со притисок решение ќе нема. Го немаше со Грција, ќе го нема ни со Бугарија. Ако погледнете во минатото, пред повеќе од 25 години, лидерите во Скопје имаа можност да изберат дали да се конфронтираат со Грција, која е членка на ЕУ и НАТО, или да се потрудат со неа да најдат решение за проблемите. Тие ја избраа конфронтацијата и тоа фатално ја забави интеграцијата на Република Северна Македонија во европската заедница. 25 години подоцна, фала му на Бога, беше постигнато решение. Сега ја имаме истата ситуација, овојпат лидерите во Република Северна Македонија треба да решат – дали ќе одат на конфронтација со друга земја членка на ЕУ и НАТО, или ќе се бара решение, дијалог, разбирање, соработка… Решението е во соработката. Што треба да се направи? Многу е едноставно – направете го она што веќе го сторија во Албанија и ќе нема кој да ве спречи. За разлика од Република Северна Македонија, Албанија изврши чесно пребројување (попис н.з.),се видоа сите малцински групи, се појави бугарско национално малцинство, кое си ги оствари своите права и ние не можеме ништо да кажеме зашто европските вредности беа испочитувани. Република Албанија направи и реформи, ги промени учебниците, ја кажа вистината за идеологијата на комунистичкиот режим, потпиша договори за добрососедство кои функционираат. Од таа гледна точка, само со притисок и лобирање – тоа не е добар пат да се решат проблемите меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Треба дејствување од Скопје и резултати. Тоа ќе ја отклучи портата, независно кој е на власт во Бугарија.
Конкретно, околу тоа дека треба некакви активности, или чекори од Скопје. Што во овој меѓупериод, според вас, може и треба да направат властите во Северна Македонија за да го олеснат евентуалниот компромис, кога за тоа би дошло време?
Добро е нашите пријатели и браќа во Република Северна Македонија да разберат еден многу важен принцип – да, НАТО е геополитика и затоа Бугарија безусловно ја поддржа Република Северна Македонија за зачленување во НАТО, зашто тоа е геополитика. Но, ЕУ се вредности. Решението на проблемите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија се базира само и исклучиво на европските вредности и не е тешко да за постигне. Но, и двете држави треба да се придржуваат. Кои се работите што треба да ги преземе Скопје, а ќе бидат втемелени на европските вредности за никој понатаму да не може да ве блокира, ниту Бугарија, ниту кој било? Во моите очи, тие се многу елементарни, но се уште не се направени и Република Северна Македонија треба да го изоди тој пат и треба да ги заврши тие реформи. Прво, европска вредност е да нема јазик на омраза. Кога бев шеф на државата секојдневно се изнаслушав како ние Бугарите сме Татари, фашисти, окупатори, едно добро зборче не се кажа во сите изминати години… Дајте, да се обединиме за јазикот на омразата да остане зад нас кога зборуваме за односите меѓу двете држави, зашто тоа е европска вредност. Второ, добрососедството е европска вредност. Имаме Договор за добрососедство, но во Бугарија има чувство дека тој не се спроведува. По 2019 година кога Република Северна Македонија стана членка на НАТО, воопшто не се спроведува. Претходно имаше некаква надеж – меѓу 2017 и 2019 г. Вие треба да ја разберете загриженоста на Софија – тука граѓаните велат, а и општеството е апсолутно обединето дека добрососедството е исклучително важен принцип на европска вредност. Треба да знаете дека Бугарија пред 30 години имаше многу тешки проблеми за решавање и тоа добрососедски – со Грција, со Турција. Знаете ли дека повеќе од 150 години бугарската пропаганда велеше дека Турција е непријател број еден, турски јарем, Турција е окупатор, убиец… Но, ние во Бугарија најдовме сили во рамките на добрососедските односи и потпишаниот договор со Турција да ги решиме сите проблеми пред 25 години. Па, ние имавме територијални проблеми со Турција долж течнието на Резовска река, ги променивме учебниците во Бугарија, ја кажавме вистината и веќе не е турско ропство, туку е османлиско владеење. Децата во Бугарија се учат на толерантност и ја знаат вистината за тој период, а не само пропагандата. Денес Бугарија е голем пријател со Турција, гледате дека мигрантскиот притисок кон Бугарија е речиси никаков, но тоа се добрососедски односи што функционираат. Што треба да се направи во Скопје? Договорот за добрососедство треба да профункционира и, на сличен начин, треба да има барем едно писмо што Скопје ќе го прати до Обединетите Нации кое ќе биде разбрано како откажување од територијални претензии, зашто, почитувани пријатели, насекаде се зборува за Северна Македонија, Северна Македонија, а вистинското име е Република Северна Македонија, зашто тоа е државата. Северна Македонија е географски регион и вие треба да ги разберете вашите бугарски пријатели и браќа дека во Северна Македонија влегуваат и делови од Бугарија. Јас самиот сум роден во Гоце Делчев, живеам во Благоевград, тоа се бугарски делови на географскиот регион Македонија. Но, да, Бугарија ја прифаќа државата Република Северна Македонија. Државата Република Северна Македонија треба да прати писмо, најмалку во знак на добра волја кон Бугарија, до ОН, до ЕУ и да каже – да, државата Република Северна Македонија не треба да се идентификува со географскиот регион Северна Македонија, зашто таа е само еден дел од него. Се додека тоа не се случи, нема како да се случи европската вредност за владеење на правото и откажување од територијални претензии. Затоа, заклучувам, почитувани пријатели, има реформи и работи за завршување – во Албанија ги направија и тие се понапред. Направете искрен попис, дајте шанса – ако има бугарско малцинство, кои се вредни граѓани на Република Северна Македонија, кои го почитуваат нејзиниот Устав и обичаи, онака како што во Србија има бугарско малцинство и тоа има свои учебници и права, како што и во Албанија има бугарско малцинство, дајте шанса за чесно пребројувањена Хрвати, Бугари, нека бидат наведени во Уставот, како и другите заедници кои го чинат народот на Република Северна Македонија. И уште еднаш да ја кажеме вистината – не е точна пропагандната теза дека Бугарија го оспорува вашиот јазик, тоа не е точно, не е точно дека ние ја оспоруваме вашата територија или правото на самоуправување. Единственото нешто што Бугарија го бара е почитување на европските вредности – да нема јазик на омраза на државно ниво, да нема територијални претензии и тие еднаш засекогаш да се исклучат, да стане јасно дека Договорот за добрососедство функционира онака како што Бугарија склучи договори со Србија, Романија, Грција, Турција кои функционираат. Кога овие работи ќе се завршат, никој нема да може да ве спречи и јас ви посакувам успех.