Четири сведоци кои ги смениле исказите во „Талир“, предмет за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година, се спасиле од кривичен прогон иако дале инаков исказ на суд од оној пред обвинителството. Обвинители во скопското обвинителство им ги прифатиле аргументите дека поради проток на време, здравствени и други околности не можеле пред судот прецизно да се сетат на фактите кои претходно ги дале во фазата на истрага
Ова е најновиот, но не и единствениот куриозитет во предметот „Талир“
Овие снимки од новинари како се собираат пред Кривичниот суд Скопје се од 18 февруари, сега веќе далечната 2019 година. Tој ден беше закажано првото рочиште за предметот наречен „Талир“. Како правно лице беше обвинета партијата ВМРО-ДПМНЕ, а како физички лица нејзините функционери – тогаш веќе избеганиот Никола Груевски, потоа Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.

На обвинетите им се ставаше на товар дека во периодот од 2009 до 2015 година партијата собрала 4,6 милиони евра вршејќи притисок врз приватни фирми. Сите обвинети имале различна улога. Парите, според обвинителството, биле уплаќани во банка преку илјадници мали трансакции – на име донации за партијата од разни физички лица.
Илјадници докази и 150 сведоци
Некои од доказите на обвинителството покажуваа дека многу од уплатниците, илјадници на број, биле прокнижувани на 20-ина секунди една од друга. Тоа е невозможно ако навистина ги уплаќале различни физички лица кои чекаат ред во банка. А тука беа и 150 сведоци. Меѓу нив бизнисмени, кои признаа дека биле под притисок да даваат пари за партијата. Но и луѓе чии имиња и лични податоци биле ставани на тие уплатници, а за истрагата изјавиле или дека никогаш не донирале пари или дека не уплатиле донација во банка.

По речиси пет и пол години и 122 рочишта, пред судот беа сослушани најголем дел од сведоците.
Но, како што поминуваше времето, сè повеќе сведоци почнаа да даваат поинакви изјави пред судот споредено со она што го кажале пред обвинителството.
„Во текот на главната расправа беше воочено дека дел од сведоците ги менуваат своите искази, по што од страна на јавниот обвинител беа прогласувани за непријателски сведоци и дел од овие сведоци, по предочување на исказите дадени во обвинителството, дадоа вистинити искази. Дел од сведоците, иако им беа предочени дадените искази во обвинителството, го променија својот исказ во однос на факти и околности од значење за постоење на кривичното дело и дадоа лажни искази“,
велат од Јавното обвинителство.
Давањето лажен исказ е кривично дело. Зависно од тежината на предметот во кој е даден таквиот исказ, може да доведе до неколкугодишна казна затвор. Сепак, тоа не поколебало петмина сведоци во „Талир“ да го сменат исказот. И покрај тоа што биле потсетени што кажале во фазата на истрага.
Кој признава дека лаже, пола му се простува
Но, од тие петмина, само еден е осуден за давање лажен исказ – бизнисменот и поранешен градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ. Не заврши во затвор. Се спогоди со обвинителството, а судот прифати да добие само условна осуда.

Против другите четворица, скопското јавно обвинителство решило да не поведе постапка.
„Во основа, пријавените во овие постапки не негираа дека постојат одредени разлики во нивните искази дадени пред обвинителството и во судот, меѓутоа тие несовпаѓања во дел од податоците ги објаснуваа со проток на време, здравствени и други околности поради кои не можеле прецизно да се сетат на фактите, за што доставуваа и медицинска и друга документација. Од тие причини, надлежните обвинители кои постапуваа процениле дека доказниот материјал во однос на субјективното обележје на кривичното дело не го достигнува стандардот за да биде поднесено обвинение“,
одговорија од обвинителството.
Со други зборови, обвинителите кои го водат предметот „Талир“ доставувале службени белешки до Основното јавно обвинителство Скопје дека петмина сведоци дале поинаков исказ пред судот од првичниот пред обвинителството. Тоа, вообичаено, значи кривична пријава за давање лажен исказ. Но, во случајот, обвинителите во скопското обвинителство кај кои се паднале предметите за променетите искази, решиле да им простат на сите, освен на еден сведок.

„Давањето лажен исказ пред суд е сериозна работа и сериозно кривично дело и во сериозни правосудни системи треба да се третира со голема важност бидејќи тоа е напад на правдата, напад на вистината. Не случајно тоа кривично дело е сместено меѓу кривичните дел против правосудниот систем“,
вели за „360 степени“ адвокатката Сузана Јошевска.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, коментирајќи ја одлуката на обвинителите да не ги гонат сведоците што го смениле исказот, се огради од давање оценка дали таквото постапување е правилно или не бидејќи ги нема на располагање сите факти.
Но, има јасен став за тоа кои ќе бидат последиците.
„Давањето лажен исказ е пред сè форма на попречување на правдата. И недавање соодветна сериозност може да предизвика т.н. ‘рипл ефект’, односно една навидум мала грешка може да предизвика многу поголеми последици. Не само за тој конкретен предмет, бидејќи пораката којашто се праќа е дека може и да го губите сеќавањето, може и да го смените исказот, без за тоа да трпите последици“,
Што значи сето тоа? Дека и други сведоци ќе почнат да забораваат во „Талир“ и во други предмети и ќе очекуваат да им биде простено? А тука се и проблемите што може да настанат при утврдувањето на фактите во секој предмет со сведоци.
Други преседани
Тоа што на некои сведоци им е простено менувањето на првично дадениот исказ, не е единствениот преседан во овој случај кој оди во прилог на обвинетите.
Порталот „Призма“ објави дека републичката обвинителка Анита Тополова-Исајловска побарала од Врховниот суд да го укине решението со кое се одобрува обвинението за „Талир“.
Основата е мислење на Врховниот суд од пред пет години дека Специјалното јавно обвинителство нема право да поднесува обвиненија по крајот на јуни 2017 година.
Точно е дека СЈО го поднесе обвинението за „Талир“ по крајниот рок, но и дека предметот сега го застапува редовното обвинителство.

„Очекувам Врховниот суд да го отфрли барањето на Тополова-Исајловска и да констатира дека нема за што да расправа бидејќи тоа е апсолвирано прашање. Но, и да го прифати и друго обвинителство да го преземе случајот и да го презаведат предметот под друго обвинителство, тој предмет ќе биде миниран преку останатите судски инстанци“,
вели Васко Маглешов, новинар во „Призма“.
Ваквиот став на новинарот Васко Маглешов се темели на фактите за предметот. И без барањето на обвинителката Тополова-Исајловска, чиј сопруг, патем, беше заменик-министер за надворешни работи во последната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Емил Димитриев, и без разлика на односот на обвинителството кон сведоците што ги смениле изјавите, предметот „Талир“ како да е осуден на пропаст уште од почеток.

Првото рочиште за главна расправа беше закажано на 18 февруари 2019 година. Заедно со тоа рочиште, до крајот на таа година ќе бидат закажани вкупно 13. На ниту едно од нив нема да се стигне до воведни зборови.
Тоа ќе се случи дури на 2 март 2020, година во која ќе бидат закажани уште 14 рочишта.
До крајот на јуни годинава, за „Талир“ биле закажани 122 рочишта, но и покрај тоа нема ниту абер од првостепена пресуда.
Зошто? Затоа што предметот пет пати почнува од почеток.

Според статистиката што ја добивме од Јавното обвинителство, предметот првпат почнал од почеток на 19 мај 2021 година, бидејќи поминале 90 дена од последното одржано рочиште. Истата година, во октомври, предметот по вторпат почнал од почеток поради смена на составот на судечкиот совет. Една година подоцна, на 19 септември 2022, предметот почнал од почеток по третпат, повторно поради поминати 90 дена без рочиште. На крајот на декември 2023-та, предметот почнал од почеток по четврти пат, повторно поради промена на составот на судечкиот совет. Се очекува на следната главна расправа која ќе се одржи, предметот да почне од почеток по петти пат поради нова промена во судечкиот совет.

Но, најголемата замка можеби е во рокот на застарување на делата. Во моментов, две лица се обвинети за злоупотреба на службената положба, дело кое им застарува на 31.12.2025 година. ВМРО-ДПМНЕ како партија е обвинета за перење пари, за што, исто така, настапува апсолутна застареност на 31.12.2025 година. Делото перење пари им се става на товар на пет физички лица, за кое настапува застареност за 11 години, на 31.12.2035 година.
„Просто е невозможно со ваков развој на настаните дека ќе очекувате да биде донесена правосилна судска пресуда, од една страна, така што тоа дело целосно ќе застари. А во делот на перењето пари постои една пракса која ја воведе, практично ја иницира Апелацискиот суд во Скопје којшто застанува на ставот дека кога го декриминализирате искористувањето на службената положба како претходно кривично дело со кое сакате да ги перете парите, не можете да гоните ниту за перење пари. Тука Кривичниот суд и Апелациониот суд ќе бидат во ситуација, бидејќи веќе има воспоставено судска пракса, како ќе се произнесат по ова прашање и веројатно тогаш јавното обвинителство би можело по сопствена иницијатива да поднесе ново барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, за Врховниот суд да пресече во овој случај дали тоа може да се толкува на еден или на друг начин“,
вели новинарот Васко Маглешов.
Засега, единствената победа на обвинителството останува тоа што една од обвинетите, Елизабета Чингаровска, го призна делото и се спогоди со обвинителството. За тоа, не доби затворска казна, туку само условна.