Претседателот Стево Пендаровски и неговото семејство денеска се попишаа на пописот кој во државата се спроведува првпат по околу 19 години.
Преку објава на социјалните мрежи, Пендаровски испрати порака дека податоците од оваа статистичка операција ќе дадат насока за планирање на идните политики и стратегии во државата.
„Денеска со моето семејство ја исполнивме нашата граѓанска должност. Внесот на податоците потребни за Попис2021 не одзема повеќе од 15-тина минути. Со попишувачите поразговаравме и за досегашниот тек на процесот, за одѕивот и за реакциите на граѓаните. Потребни ни се податоците од оваа статистичка операција од секој аспект. Ќе ни дадат насока за планирање на идните политики и стратегии“,
вели Пендаровски.
Според информациите од Државниот завод за статистика (ДЗС), до вчера се попишани точно 800 008 граѓани, а очекувањата на директорот Апостол Симовски се дека до утре ќе се стигне до бројка од еден милион попишани граѓани.