Претседателот на државата, Стево Пендаровски, преку знаковен јазик го честиташе Меѓународниот ден за знаковниот јазик на сите глуви и наглуви граѓани.
„Да им овозможиме непречен пристап до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик на сите наши глуви и наглуви сограѓани. Да помогнеме да ги премостат бариерите со кои се соочуваат во комуникацијата со институциите. Да не заостануваме зад светот во унапредување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност“,
напиша Пендаровски на Фејсбук.
Обединетите нации кон крајот на 2017 година го прогласија 23 септември за Меѓународен ден на знаковниот јазик. Целта е да се подигне свеста за значењето на знаковниот јазик како човеково право на глувите и наглувите лица, со што пристапот до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик, вклучително и квалитетно образование, е од витално значење за растот и развојот на глувото лице и ја препознава важноста на зачувување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност.