Во нашата земја се користи македонскиот знаковен јазик, како јазичен систем за комуникација на глувите и наглувите лица
Обединетите нации кон крајот на 2017 година го прогласија 23 септември за Меѓународен ден на знаковниот јазик. Целта е да се подигне свеста за значењето на знаковниот јазик како човеково право на глувите и наглувите лица, со што пристапот до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик, вклучително и квалитетно образование, е од витално значење за растот и развојот на глувото лице и ја препознава важноста на зачувување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност.
Во нашата земја се користи македонскиот знаковен јазик, како јазичен систем за комуникација на глувите и наглувите лица. Македонската знаковна азбука може да биде изведена со една или со две раце, движења на главата, фацијална експресија, движење на устата и со движење на телото.
За потсетување, „360 степени“ минатата година по повод Меѓународниот ден на знаковниот јазик објави сторија во која својата приказна ја раскажа една од нашите најпознати знаковни толкувачи, Даниела Дичоска.
По повод денешниот Меѓународен ден на знаковниот јазик, преку видеообраќање, премиерот Зоран Заев рече дека во соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица Владата дава поддршка за стандардизација на знаковниот јазик за што повеќе познавачи на овој јазик.
„Системски работиме да го имплементираме стручниот кадар кој користи знаковен јазик во предучилишното образование, во градинките. Затоа што инклузијата започнува од најраната возраст. Во моите јавни настапи, секаде каде што е возможно вклучуваме знаковни толкувачи. И отворено повикувам оваа пракса да стане секојдневие кај сите функционери и општественици. Да го направиме сите заедно пристапот до информации што подостапен за нашите сограѓани со оштетен слух“,
рече Заев.