Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото, порачува шефот на државата
Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина.
Вака, претседателот на државата, Стево Пендаровски, ја започнува својата честитка по повод 2 Август – Денот на Републиката.
Во 1903-та, вели тој, борбата ја слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која прогласи демократска република и реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода, продолжува Пендаровски, ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандните и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја слободна држава.
„Но, еднаш добиена, слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација. Годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби. Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани“,
вели Пендаровски.
Својата честитка, шефот на државата ја завршува со порака дека слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација и на секој од нас.
Претседателот годинава е организатор на прославата во Крушево каде во претпладневните часови ќе има панихида во храмот „Св. Никола“, а ќе се положат и цвеќиња на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на Слива. Ќе има и празнична програма пред Македониумот, а централниот дел од прославата ќе започне во 18 часот.