Експертите од Институтот за криминалистички истражувања од Германија кои треба да пристигнат во земјава да помогнат околу истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница во која загинаа 14 луѓе, всушност ќе ја мониторираат работата на нашите органи, бидејќи според законот странски експерти не можат да започнат истражни или предистражни дејствија, вели шефот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашното интервју за „360 степени“.
„Странските експерти доаѓаат како еден вид на неформален стручен консултант. Според моите сознанија такви експерти првпат дојдоа и тоа баш од Германија за атентатот на претседателот Киро Глигоров. Но, нашите граѓаните треба да знаат дека истрагата ќе покаже онолку колку што нашите домашни органи ќе истражат, ќе сакаат да истражат, ќе бидат стручни или ќе им се дозволи да истражат…Но, добро е да има странски експерти за да нема сомнеж дека може нешто да се прикрие, бидејќи странските експерти се тука објективно, во статус на мониторинг, тие набљудуваат. И ова треба да го знаат нашите граѓаните. Ниту еден странски експерт нема право да презема самостојно истражни или предистражни дејствија, може само да присуствува“,
вели Пендаровски.
Во овој контекст, Пендаровски го спомена и случајот кога беше дадена наредба за екхумација на десеттемина убиени во Љуботен од 2001 година.
„Тогаш дојдоа луѓе од Хаг кои ги нарекувавме како истражители на Хашкиот трибунал и само присуствуваа покрај гробните места, а нашите форензичари ја вршеа работата. Затоа, добро е да има странски експерти од аспект на мониторинг и тоа е слично како, кога Советот на Европа, ОБСЕ или некоја од странските амбасади во земјава мониторираат судски случаи особено оние од поголем калибар. И тука не можете да криете некои работи, но истрагата ја водат наши органи. И ако има ефект на крајот треба да им пружиме рака на нашите органи, ако немаат ефект треба да бараме одговорност од нашите органи“,
рече Пендаровски.
Според неговите информрации, дел од експертите кои треба да помогнат во истрагата за пожарот во тетовската болница ќе пристигнат за 48 часа, а дел во понеделник.