Пациентката живее во близина на езеро каде што живеат питони. И покрај тоа што немала директен контакт со змија, таа често собирала автохтони треви околу езерото кои ги користела во готвењето. Лекарите и научниците вклучени во нејзиниот случај се сомневаат дека можеби питонот го исфрлил паразитот преку изметот во тревата
Паразитски кружен црв вообичаен за змиите бил извлечен жив од мозокот на жена, објавија австралиските лекари во вторникот.
Збунетите лекари и направиле на 64-годишната Австралијка магнетна резонанца откако таа почнала да страда од губење на меморијата, забележувајќи нетипична лезија на предниот дел од мозокот.
Тоа бил тркалезен црв од осум сантиметри, наречен Ophidascaris robertsi, за кој истражувачите велат дека е чест паразит кај кенгурите и питоните – но не и кај луѓето.
„Ова е прв случај на Ophidascaris кај луѓето што е опишан во светот. Според нашите сознанија, ова е и прв случај во кој е вклучен мозокот на кој било вид цицач, човек или друг“,
рече експертот за заразни болести Сањаја Сенанајаке.
Пациентката живее во близина на езеро каде живеат питони. И покрај тоа што немала директен контакт со змија, таа често собирала автохтони треви околу езерото кои ги користела во готвењето. Лекарите и научниците вклучени во нејзиниот случај се сомневаат дека можеби питонот го исфрлил паразитот преку изметот во тревата. Тие веруваат дека пациентката најверојатно се заразила со директно допирање или јадење на тревата.
„Никогаш не е лесно или пожелно да се биде првиот пациент во светот за што било. Не можам доволно да го изразам нашето восхитување за оваа жена која покажа трпеливост и храброст низ овој процес“,
рече Сенанајаке.
Сенанајаке рече дека е познато дека кружните црви Ophidascaris инфицираат животни во други делови на светот и веројатно е дека други случаи ќе бидат препознаени во наредните години.
Наодите беа објавени во списанието „Emerging Infectious Diseases“.