Предлогот на Управувачкиот комитет ќе биде на денешната седница на Влада, по што ќе биде доставен до претседателот на државата
Ќе се распоредат на места каде што има голема фреквенција на луѓе, но нема да се однесува на приватните болници, кои имаат сопствено обезбедување
Околу 150 полицајци и 300 припадници на Армијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствени објекти, во зависност од потребите на Министерството за здравство.
Ова е утврдено на денешната седница на Управувачкиот комитет, а напладне на владина седница се очекува да биде усвоен овој предлог, кој потоа ќе му биде доставен на врховниот командант на Армијата, претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да ја донесе наредбата за ангажман на Армијата за поддршка на полицијата.
В.д. директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов по седницата на Управувачкиот комитет изјави дека се работи за 295 припадници на Армијата кои нема да бидат вооружени и ќе бидат распоредени само онаму каде што ќе биде тоа неопходно, но исклучиво како придружба на полициските службеници.
Тоа ќе бидат места каде што има голема фреквенција на луѓе, но нема да се однесува на приватните болници, кои имаат сопствено обезбедување.
„Полициските службеници се оние коишто имаат полициски овластувања, додека припадниците на Армијата ќе им помагаат на нив, пред сѐ за одржување на редот пред болниците и ковид-центрите, за да се овозможи поквалитетна и непречена работа на здравствените работници“,
рече Ангелов и појасни дека се работи пред сѐ за превентивна функција.
„Ние не праќаме војска затоа што граѓаните прават нереди во болниците, туку превентивно да го одржуваат редот за да можат здравствените работници непречено да ја вршат својата работа“,
изјави Ангелов.
Бројката не е фиксна и не значи дека сите одеднаш ќе бидат на терен
„Можеби во прва фаза ќе излезат само стотина припадници на армијата и полицијата, но планот остава по потреба да бидат ангажирани и дополнителни сили. Во овој момент нема барање за итно распоредување на сите точки. Во Штип во овој момент може воопшто и да не распоредиме или ќе распоредиме превентивно. Ако има потреба може тогаш може тоа да се направи дополнително“,
објасни Ангелов потенцирајќи дека припадниците на специјалните единици ќе се употребат само во исклучтелни моменти, но не за обезбедување објекти.