Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последиците од светски размери, со кои се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот, кажа премиерот Димитар Ковачевски на 77. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Тој посочи дека Република Северна Македонија во здружените напори за одговор на почетокот на војната во Украина, се поставила веднаш и стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ и демократскиот свет.
„Тоа го сторивме како држава, која е определена кон мир, кон решенија базирани на дијалог кон европските вредности, но и како земја која што од сопственото искуство научи дека мирот, силата и напредокот, доаѓаат со заедништвото. И кога воспоставивме независност по мирен пат, и кога се издигнавме над внатрешниот меѓуетнички конфликт во 2001 година и денес, кога преку концептот ‘Едно општество за сите’, сме пример за функционална мултиетничка демократија, значаен фактор на стабилност на Западен Балкан, а со тоа и на Европа и доверлив партнер на меѓународната демократска заедница“,
рече Ковачевски.
Тој се осврна и на заедничката иницијатива со Албанија и Србија, „Отворен Балкан“, која ја смета за успешен пример на регионално поврзување. Посочи и дека водејќи се од политики на мостови, преку функционална дипломатија, дијалог и разбирање, постигнато е и полноправно членство во НАТО.
„Од исклучителна важност за мојата земја е забрзаната интеграција во ЕУ и ние сериозно работиме на сите потребни чекори кон реализацијата и на оваа втора, државна, стратешка цел. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат најголем кредит бидејќи предолго го чекаа овој момент, и јас разбирам зошто можеби се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа. Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, а и никој не рече дека сето ова ќе биде лесно. Напротив, и покрај сите потешкотии, ЕУ е сѐ уште најдобрата опција за нашата иднина, за иднината на нашите деца. Ние, едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега“,
рече Ковачевски.
Во обраќањето пред светските лидери тој се осврна и на нарушеното снабдување со храна на светот, бегалскиот бран предизвикан од конфликтот, како и климатските промени и природните катстрафи предизвикани од нив.
„Цел на Северна Македонија е мир. Ние сме земја која учи дека пријателството зависи од заедништото“,
рече Ковачевски.
Тема на годинашната генерална дебата е „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“.