Парите може да се користат за изградба и реконструкција на фарми и амбари, за механизација, објекти за преработка, собирање и складирање на производи итн… Исто така, прифатливи се и инвестиции за алтернативни земјоделски производи и преработки, производство на пијалаци, непрехранбени производи и занаетчиски активности. Може да се аплицира за изградба на хотели, бунгалови, ресторани…
Северна Македонија прва во регионот започнува со програмата ИПАРД 3, со која се достапни нови неповратни 97 милиони евра од ЕУ за развој на агросекторот односно за модернизација на земјоделството.
На презентацијата на програмата денеска присуствуваа и се обратија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
„Наша цел е со новата ИПАРД 3 програма уште поголема реализација и искористеност на средствата од 100 отсто од она што го имаме добиено од ЕУ и затоа предвидуваме и можности за авансна исплата со цел уште повеќе да ги мотивираме нашите земјоделци. Но, крајната цел е нашите земјоделци, нашата економија да доживее напредок, да доживее развој преку остварувањето на полноправното членство во ЕУ бидејќи тоа ќе донесе уште поголеми придобивки и носи уште повеќе финансиски средства од фондовите на ЕУ“,
потенцира Ковачевски.
Со објавувањето на првиот повик на македонскиот агросектор му се ставаат на располагање 30 милиони евра кои може да се користат за изградба и реконструкција на фарми и амбари, за механизација, објекти за преработка, собирање и складирање на производи итн.
„Ова се средства за нови можности, за многу нови инвестиции за изградба и реконструкција на фарми, оранжерии, амбари, силоси, објекти за земјоделска механизација, објекти и опрема за постбербени активности, објекти и опрема за преработки, опрема за собирање, калибрирање, складирање, ладење, сушење, замрзнување. Нова можност за подигнување на долгогодишни овошни, лозови и други насади, набавка на системи за наводнување, набавка на специјализирани транспортни возила. Нова можност за јакнење на руралните подрачја преку инвестиции за изградба на современа инфраструктура, патишта, пешачки патеки, водовод и канализација“,
изјави министерот Николовски.
Преку ИПАРД 3 може да се добијат пари и за алтернативни земјоделски производи и преработки, производство на пијалаци, непрехранбени производи и занаетчиски активности. Може да се аплицира за изградба на хотели, бунгалови, ресторани…
„Со овој јавен повик опфатени се инвестиции за изградба на сместувачки капацитети (хотели, кампови, бунгалови, апартмани, соби) угостителски објекти, ресторани, простории за дегустации, за директна продажба и маркетинг, за организирање семинари во рурални места. Или накратко, овој јавен повик поддржува инвестиции за сè она што значи агросектор и рурален развој“,
нагласи Николовски.