Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 24 февруари 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска
Посетите на премиерот Христијан Мицкоски во САД се за поздравување, но треба да ни каже што разговара, кој е резултатот и што е бенефитот за граѓаните, вели Фани Каранфилова-Пановска, заменик-претседателка на СДСМ, која гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Освен за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дадена по враќањето од Вашингтон, дека ова е новото нормално што ќе го преплави светот, разговараме и за ставот на опозициската партија за разликите меѓу новата американска администрација и Европа за тоа како и под кои услови да се стигне до мир во Украина, но и за одредени демократски вредности. Каранфилова-Пановска ја прашуваме и колку во новите глобални околности го има за товар претходното искуство на директорка на Фондацијата Сорос? Зошто впечатокот за СДСМ е дека е млака опозиција, зошто само Венко Филипче е кандидат за претседател на партиските избори на 16 март, што ќе биде успех за СДСМ на локалните избори, какви се релациите меѓу новото раководство и пратеничката група? Ги отвораме и темите за интерпелацијата за пет члена на Судскиот совет, постапката што ја турка Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, како и за предлог-составот на Советот на АВМУ за кој се согласи и СДСМ, (а имаше реакции од ЗНМ и од амбасадите на ЕУ и на Германија).