Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 1 јули 2024 г. на МРТ 1, во кое гостува новоизбраната министерка за образование и наука Весна Јаневска, кадар на ВМРО-ДПМНЕ
За новоизбраната министерка за образование и наука Весна Јаневска, во Концепцијата за основно образование „најпроблематична е интеграцијата на предметите“ што, како што вели, не било прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари. Ова е дел од одговорот на Јаневска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, за најавениот процес на ревизија на Концепцијата за основно образование донесена во март 2021 година, период кога министерка беше Мила Царовска. Според Јаневска, учебници за седмо одделение по новата програма ќе нема бидејќи вели дека ниеден учебник не е пратен на печатење, а за некои не е завршена ни процедурата на одобрување, односно не се напишани или не е помината рецензија. Во интервјуто ја прашуваме и зошто се нафати да раководи со ресор за кој, заедно со Здравство, има најмногу поплаки и очекувања од граѓаните, како ја замислува Националната стратегија за образование, како планира да ја оствари заложбата од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за меѓуетничка интеграција во образованието. Разговараме и зошто во биографијата не навела дека беше в.д. претседателка на ВМРО – народна партија, како и зошто го нема бугарскиот меѓу јазиците што ги познава, како што пишува во нејзината биографија од времето кога беше пратеничка (2006-2008 г.)