Следните фотографии се од дуќан во Старата скопската чаршија. Едната го претставува актуелниот изглед на објектот, а другата е дел од планот – како тој дуќан треба да изгледа во иднина.
Овие фотографии и нацрти се само мал од дел од тендерот на општината Чаир за реставрација на излозите на вкупно 68 објекти во чаршијата. Во документацијата, детално е наведено- каде не смеат и смеат да стојат клима-уреди, реклами, излози.
Овој тендер на Чаир, за кого општината има поддршка од министерството за економија, не е единствен кога е во прашање реконструкцијата на чаршијата. Светската банка веќе финансира автентична реконструкција на 44 продавници. Или вкупно, 112 продавници треба да го добијат стариот сјај.
Целиот процес на работа се очекува да продолжи во септември оваа година. Во текот на овие интервенции, ние ќе се грижиме продавниците да добијат унифициран изглед, а во исто време да ја зачуват нивната автентичност, изјавија од Општина Чаир
Ова е втора иницијатива за автентична реконструкција на чаршијата од 2014 година. Тогаш, беа обновени дел од дуќаните. Некои сокаци добија канделабри. Се направија и напори за зголемување на безбедноста.
Но, без постојана грижа за културниот споменик, за кој има и посебен закон, стариот сјај никако да се врати.
Излозите мора да бидат нешто чисто убаво, ама како заштита на спомениците на чаршијата, према тоа луѓето од целиот свет доаѓат во Скопје ако доаѓат во Скопје во чаршија нема шанси да не дојдат и да не поминат, затоа што чаршијата има голема вредност. Жалосно е и трагично, комично, што ние родени во Скопје не знаеме што ни значи чаршијата, изјави стар занаетчии
Освен старите излози, нов проблем за чаршијата се и нелегалните летни тераси. И тука, како низ секое популарно место во земјата, јавниот простор за пешачење е освоен од места за седење.
Што се однесува со терасите кои биле незаконски поставени од страна на некои локали во Старата скопска чаршија, Општина Чаир испрати вкупно 35 писмени предупредувања за отстранување на истите. Доброволно, 29 угостителски објекти го почитуваа предупредувањето и законот со што сами ги остранија терасите, а за 6 од нив побаравме помош од полицијата за отстранување на истите и пишано казни предвидени со законот за сопствениците, изјавија од Општина Чаир
Екипата на „360 Степени“ неделава и самата забележа сопственици на угостителски објекти кои самите си ги отстрануваа терасите. Веројатно разбирливо, ним не им зборуваше пред камера. Оние кои нема самите да постапат, општината вели, ќе ги урива со помош на полиција.
Ако се остварат најавите и ако успеат тендерите, најрано следната година, Старата скопска чаршија можеби ќе светне во стариот сјај.