Копретседавачот од Бугарска страна има забелешки и за реториката во однос на одбележувањето на Св.Климент во земјава
Претседателот на бугарскиот тим во заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија, Ангел Димитров, денеска на брифинг во бугарското Министерство за надворешни работи, изјави дека дводневниот онлајн состанок заврши без резултати.
Тој, како што јави МИА од Софија, информира дека членовите на Комисијата на средбата успеале да го усогласат записникот од 12. состанок, што се одржа на почетокот на 2021 година, во што, според него, има симболика.
На денешната, како што оцени Димитров, неплодна средба, историчарите зборувале за цар Самуил, посочувајќи дека се уште „се заглавени“ во 10. и 11. век. Димитров додаде дека стравува оти работата на Комисијата ќе биде тешка и во текот на следната година.
„Кога не сакате да ја прифатите основна формулација на Договорот за пријателство и добрососедство, а тоа е заедничка историја, значи дека се сомневате во примената на тој договор“,
изјави Димитров.
Според него, за да заживее Договорот ќе мора да се преземат чекори на сите полиња на соработка, а мешовитата комисија, како што посочи, е само еден од нив.
Димитров информира дека следната 17. средба на Комисијата е закажана за февруари 2022 година, како и дека во текот на следната година треба да се одржат вкупно пет состаноци.
Како што пренесува БГНЕС, Димитров има забелешки и за реториката во однос на одбележувањето на Св.Климент во земјава.
Денешната средба ја одбележа она што се случи на 8 декември. Тогаш дознавме дека Свети Килмент ја создал македонската духовност. Уште во 2018 година донесовме неколку препораки, меѓу кои и за светите браќа Кирил и Методиј. Велат дека нивната работа се развила во Бугарија, истото важи и за Климент. Ова се малкуте постигнати резултати. За нив знае политичкиот врв на РСМ. Но на 8 декември се враќаат на старото толкување“,
вели Димитров.
Претходно, нашиот тим во историската комисија, преку македонското МНР, информира дека остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата меѓу македонските и бугарските историчари.
Како што наведоа од македонскиот тим во комисијата, повторно се дискутирало по забелешките за учебниците по историја, при концептот на мултиперспективнос бил поставен наспроти исклучивиот пристап.