Ова за што е постигната согласност денеска ќе треба да помине и во органите на СОНК, а претседателот на СОНК изрази надеж дека членството и Советот ќе дадат зелено светло, по што тој ќе добие овластување да потпише спогодба за најмногу 10 дена
Неделков најави дека во текот на утрешниот ден ќе има нова средба со МТСП на која ќе се бара начин како да се исплатат дневници за штрајкувачите и во градинките
Претседателот на СОНК Јаким Неделков и министерот за образование и наука Јетон Шаќири вечерва објавија дека по 19 дена преговори со медијатор, успешно го решиле спорот: вработените во основното и средното образование ќе добијат 15 отсто повиски плати од септември, ќе има усогласување на платите со минималната, ќе се потпишат колективни договори со другите барања и штрајкувачите ќе добијат дневници за деновите на штрајкот.
Неделков по средбата рече дека ставовите се приближени со посредство на помирувачот кој ги дал предлозите, а кои обете страни во овој спор ги прифатиле.

„Ги приближивме ставовите. Во препораката од посредникот, платите во основното и средното образование ќе се зголемат за 15 отсто од септември. Во оваа прилика да кажам дека овој процент ќе важи и за преговорите што ги водиме со МТСП. Дневници ќе се исплатат за деновите на штрајкот, потоа колективните договори ќе се потпишат до крај на септември со барања и ставки за кои се договоривме да се расправа“,
рече Неделков.
Но, според него најзначајно од овие преговори е воведување нова практика на како што го нарече партнерски однос меѓу СОНК и МОН за креирање плати во 2023 година и понатаму што досега го немало.
„Со МОН се согласивме ваква ситуација да не се случува и веќе да не се бара усогласување на плати на ваков начин“,
рече Неделков.
Сепак, тој рече дека ова за што е постигната согласност денеска ќе треба да помине и во органите на СОНК и изрази надеж дека членството и Советот ќе дадат зелено светл, по што тој ќе добие овластување да потпише спогодба.
Таа спогодба, како што кажа би се потпишала најмногу за десет дена, поради тоа што министерот ќе биде надвор од државата.

Министерот Шаќири реќе дека се прифатени сите предлози на медијаторот кои смета дека се во согласност со буџетските можности.
„Нема да има кратење на платите и за тоа МОН и СОНК најдоа разбирање. Целосно ќе се исплатат платите од овој месец“,
рече Шаќири и се заблагодари на трпението и на учениците и на родителите и на наставниците и на сите кои ги следеа овие преговори.
Неделков најави дека во текот на утрешниот ден ќе има нова средба со МТСП на која ќе се бара начин како да се исплатат дневници за штрајкувачите и во градинките.
По денешната рунда преговори, првиот човек на СОНК Неделков и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се согласија дека спорот помеѓу двете страни е сè поблиску до конечно решение, но дека преговорите ќе продолжат и во текот на оваа недела.
И Неделков од СОНК и министерката Тренчевска од МТСП изразија верба дека приближените ставови помеѓу двете страни се во насока на конечно решение, до кое се надеваат дека ќе дојде до крајот на оваа недела.
Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април штрајкот беше ставен во мирување откако синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со потсредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни.
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва упати апел до СОНК за итно, брзо и целосно прифаќање на договорените условите и одговорност.